Со добивањето на статусот на Хераклеја Линкестис за споменичка целина, од особено значење со поткатегорија „со големо значење“, Хераклеја доби трајна заштита за идните генерации, констатираа експерти од Управата за заштита на културното наследство и Заводот и музеј-Битола, на јавна трибина насловена „Грижата за Хераклеја Линкестис денес, гаранција за утре“. Според нив, значаен сегмент од заштитата на Хераклеја се конзервацијата на веќе откриените објекти и нејзината афирмација, која секоја година се врши пред членовите на Европската асоцијација на археолози.
– Со замена на старото законско решение од 1974 година и со донесување на новиот т.н. Закон за Хераклеја се овозможува валоризација на културното историско наследство. Со новиот акт се одредени границите на локалитетот, контактната зона, категоријата на локалитетот и режимот на заштита, кој е сеопфатен. Со ограничувањата повеќе не се дозволуваат легализација или доградба на бесправно изградените објекти, а на нивите не може да се вршат длабоки орања или прекопувања, односно обработка на земјиштето на длабочина до 40 сантиметри – појасни Данче Голубовска, претставничка на Управата за заштита на културното наследство.
На јавната трибина што се одржа во Битола, експертите од Заводот и музеј со седиште во овој град посочија дека новото законско решение овозможува поголема и поконкретна државна грижа за Хераклеја Линкестис.
– Грижата за Хераклеја Линкестис е константна, на високо ниво и секоја година, затоа што секојдневно на терен сме ние стручните лица. Со новиот Закон за заштита на спомениците на културата и со Законот за ревалоризација на постојните споменици на културата, Хераклеја Линкестис го најде своето место во државата, но, аналогно на тоа, државата се обврза да поведе посебна сметка за овој локалитет – нагласи Енгин Насух, конзерватор од Заводот и музеј – Битола.