Највлијателни современи уметници на денешницатa
Делата на славниот уличен уметник Бенкси и на сликарката која е меѓу најуспешните од групата „Млади британски уметници“, Џени Севил, достигнуваат милионски цени, воодушевувајќи ги критичарите и љубителите на уметноста, но многумина сметаат дека активизмот на кој тие се посветени ја претставува најголемата вредност од нивната работа. Уметноста на Бенкси, чиј идентитет останува мистерија, е политички ангажирана, а неговите графити исполнети со црн хумор изразуваат презир кон војната и кон капитализмот, додека тој е особено посветен кон помагање и заштитата на бегалците.
Бенкси минатата година финансираше спасувачки брод за да им помогне на мигрантите кои поминуваат преку Средоземно Море. Бродот послужи за спас на 150 луѓе во близина на либискиот брег. Уличниот уметник во повеќе наврати се занимаваше со прашањето на бегалците, посетувајќи ги Витлеем во 2003 година, како и бегалскиот камп во Кале, Франција, каде што наслика мурал во 2015 година. Бенкси во 2018 година ја критикуваше политиката на францускиот претседател Емануел Макрон во врска со мигрантите, како и политичката состојба во Франција, преку шест мурали насликани во Париз по повод Светскиот ден на бегалците – 20 јуни.
Во фокусот на уметничките слики на Севил, која се опишува како непоколеблива феминистка, најчесто се наоѓа женското тело. Британката стана најскапата жива уметница во светот, откако нејзината слика „Пропед“ беше продадена за 9,5 милиони фунти на аукција во „Сотби“, во октомври 2018 година.
– Рано во мојата кариера научив дека сум најефективна кога директно се обраќам во врска со одредено прашање. Сакам да навлезам во секоја област која е забранета за жените, бидејќи на тој начин ќе ја отворам и ќе ја направам слободна. Тука спаѓа и имањето деца. Луѓето ми велеа дека не смеам да сликам слики посветени на децата и дека тоа ќе ја уништи мојата кариера. Но, раѓањето е возвишувачко искуство. Не сакав да го игнорирам, туку директно да се обратам на оваа тема. Целиот мој живот е околу отворањето на можностите – уметничките можности, за способноста жените да бидат на различни позиции, за луѓето од различни полови, расните слободи… – кажа своевремено Севил во интервју за „Фајненшл тајмс“, додавајќи дека уметничките слободи се чинат поважни отколку кога било досега поради лошата неодамнешна политика, за која како примери ги истакна брегзит и поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Студентите што ќе се запишат на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во претстојната академска година ќе имаат прилика да добијат образование и обука што ќе им овозможат самостојно да опстојат на домашната или на меѓународната ликовна сцена по завршувањето на студиите. Во рамките на ФЛУ се реализираат студиски програми по сликарство, вајарство, графика и по ликовна педагогија. Пријавувањето за уписот е во тек.