На големата сцена на Македонскиот народен театар на 18 февруари ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад, со претставата „Духот што оди (Патот на Прометеј)“, поставена според текстот на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски. Премиерната изведба на претставата во Нови Сад се одржала на 15 септември 2015 година, на сцената „Пера Добриновиќ“. Претставата е копродукција на Српско народно позориште и Центарот за развој на визуелна култура.
Текстот на Дејан Дуковски ја носи приказната за личната епопеја на главниот лик Мара, финансиски скршен шекспиролог во долгови до гуша, кој тргнува во ирационален поход против корумпираниот систем/општество. Режисерот Александар Поповски на сцената на Српско народно позориште создава утописка мелодрама за можниот Хамлет, кој наместо да размислува – дејствува.