Издавачката куќа во Кина „Shanghai Literature & Art Publishing House“ го објави романот „Нишан“ на Блаже Миневски на кинески јазик во превод на Ванг Личун.
Во најавата на романот, објавена во шангајските медиуми, меѓудругото се вели дека „Нишан“ е „фасцинантен роман создаден на еден мал јазик“ во кој на маестрален начин е раскажана „голема, возбудлива приказна за животот и смртта, за смислата и бесмислата на војувањето, за љубовта и омразата, за победата како пораз и за поразот како победа“.
Приказната е раскажана „сигурно и убедливо, со разоткривање на бројните противречности, предрасуди и страдања пред кои е исправено човештвото“, а истовремено „спонтано и вешто се наметнуваат и прашањата за односот меѓу реалното и иреалното, за природната и креираната ствраност, за големата лага на фикцијата, но и за фиктивноста на глобалната вистина“. Во секундата додека куршумите во ист миг летаат кон едниот и кон другиот брег, всушност над реката што го дели просторот на двете спротивставени религии на двата главни лика, се создава еден „сложен мозаик од измислени и реални истории, херои и настани фрлени во виорот на бесмислени конфликти и опасни страсти“.
Освен на кинески јазик, романот „Нишан“, добитник на наградите „Роман на годината“, „Стале Попов“ и „13 Ноември“, досега е објавен и на англиски, италијански, полски, српски, ерменски, бугарски, словенечки и арапски јазик, а наскоро ќе се појави и на унгарски, шпански и романски јазик.