Кон концертот на Филхармонија, солист на пијано Јеол Еум Сон (Јужна Кореја), диригент Сашо Татарчевски

Рецензија

Маестро Сашо Татарчевски заедно со Филхармонијата на 11 ноември, пред себе имаше предизвик да создаде музички креации на двајца автори, чие творештво е комплетно различно, естетски, стилски. Под насловот „Фрески“, на концертот се изведоа дела од Камиј Сен-Санс и од Благоја Ивановски. Како солист настапи исклучителната пијанистката Јеол Еум Сон од Јужна Кореја.
На почетокот вниманието комплетно го презеде пијанистката Јеол Еум Сон со Концертот за пијано бр. 2 во Ге-мол оп. 22 од Камиј Сен-Санс. Нејзината интерпретација на моменти наликуваше на перпетуум-мобиле. Од првиот миг со разложените акорди со кој започнува долгиот вовед, кој се претвора во виртуозна каденца, на која се приклучува оркестарот, таа поседуваше совршен баланс во двете раце, исклучителна слеаност во развојот на музичката мисла и мелодиозност. Еум Сон водеше грациозно, рафинирано, низ фигурациите и пасажите. Беше задоволство да се слуша индивидуалното оформување на секој мал мотив, сѐ со цел за градење на фразите, музичките мисли, комплетната целина на делото. Пристапот навидум лежерен, со беспрекорна и артикулација и агогика, ритмички и технички прецизна, но пред сè емотивна. Во вториот пак танцувачки став уште повеќе дојде до израз нејзината способност за карактерно обликување на темите. Во финалето доминираше виртуозноста, дополнета со успешната придружба, која во овој став ја оформи маестро Татарчевски со оркестарот.
На бис, Јеол Еум Сон како во игра ја извезе „Искри“ оп. 36 бр. 6 од Мориц Мошковски, уште еднаш потврдувајќи ги својата техничка подготвеност и впечатливиот музички капацитет за стилско градење на делото.

Сосема нова звучност донесе симфониската поема „Фрески“ од македонскиот композитор Благоја Ивановски, изведена по повод 100 години од неговото раѓање. Ако кај Сен-Санс доминираше широката мелодиозност, кај Ивановски мелодијата се гради со скромни интервалски движења, остинато, сонористика, наслојувања. Творештвото на Ивановски е програмско така и во ова дело, инспирирајќи се од сценариото на Јован Бошковски, тој ги слика фреските, традициите, со манир препознатлив за нашите композитори. Врз основа на полифони техники, тој ја оформува композицијата. Фолклорот е неизоставен, но не експлицитно претставен. Неизбежно за градење на драматургијата во делото во последниот дел се користат удиралките и 12/8 метроритмичка комбинација, типични за нашиот крај за да се разбудат и раздвижат дамарите во душата. Маестро Татарчевски знае да проникне во суштината на делата, го насочи ансамблот и го извлече од него посакуваниот резултат. Со јасни гестови ги креира музичките слики, притоа задржувајќи го вниманието на публиката и покрај сосема контрастната звучна слика на изведените композиции.

Мистиката, религиозноста, традицијата на македонски начин, претставени преку фреските, се трансформираа во едно друго толкување на религијата, мистиката и обичаите. Камиј Сен-Санс во популарната тонска поема „Танц на смртта“ оп. 40 како основа го зема танцот на скелетите за време на „Ноќта на вештерките“. Во него тој се повикува и на религиозни мотиви, како што е фрагмент на „Диес ире“ од Грегоријанскиот Корал. И во оваа композиција полифонијата се користи како алатка, а тритонусот (ѓаволовиот акорд) е искористен како основа на развој на мелодијата. Во музицирањето на филхармоничарите, проследивме една слеана интерпретација, со јасно оформување на „танцувачките точки“ и впечатлив музички израз во солата на виолинистот Владимир Костов. Маестро Сашо Татарчевски успеа да ни изгради повеќе музички слики, верни на оригиналите од партитурите. Успешноста да се вообличат толку суштински различни дела и притоа публиката да остане насочена без разлика на содржината на истите тие, само ја потврдија креативноста, професионалноста и истрајноста на маестро Татарчевски.

Елени Новаковска