Отворањето на 15-то јубилејно издание на „Танц-фест“ ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во македонскиот народен театар со премиера на „Идентитети“ – најновата изведба на „Скопје танцовиот театар“, создадена од кореографката Рисима Рисимкин и танчарите на театарот.
Во неа учествуваат професионалните танчари на „Скопје танцовиот театар“, стажантите од Катедрата за современ танц при УГД, стажанти од Швајцарија и од Турција, како и млади уметници од програмата за култура „Инкубатор“.
Ќе настапат: Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Адријана Данчевска, Тринга Хиса, Бобан Русески, Јована Зајкова, Тереза Лазарев, Сара Цветковска, Исидора Краљевска… Костимите за претставата се дело на истакнатиот уметник Благој Мицевски. Музиката за претставата е потпишана од младите уметници: Мартин Тренески, Дино Хриџиќ и Благојче Стојчевски, фотографиите се на уметницата Александра Јанкоска, а постерот за јубилејниот „Танц-фест“ го изработи Милена Милинкоска.
Во рамките на програмата, утре и задутре во Младинскиот културен центар – Скопје, со почеток во 20 часот, ќе се одржи и годинашното издание на „Танцлаб“ – интернационален натпревар за млади кореографи од целиот свет. Селектираните кореографи што ќе настапат утре се: Бартек Возцински (Полска), Дана Маркус (Израел), Клеменс Џаглет (Франција), Егор Меншиков (Русија), Јасмин Систи (Италија), Ана Џекобс (Холандија) и Бобан Русески.
Интернационално жири го сочинуваат: Самуел Вуерстен (Хаг, Холандија), Дидије Дешамп (Париз, Франција), Кси Зао (Пекинг, Кина) и Мехемт Балкан (Турција). Победникот на натпреварот добива „златна пеперутка“ за најдобра кореографија и можност за соработка со „Скопје танцовиот театар“.