Петнаесетгодишнината од почетокот на работа со копаничарство, плодниот Кичевски резбар чии дела се наоѓаат и во многу приватни колекции во Европа, Марјан Тренески, ќе ја одбележи со втора самостојна изложба. За разлика од многуте уметници кои изложуваат во галерии и специјални простори за оваа намена, кичевскиот копаничар својата втора изложба ќе ја претстави во алтернативен простор, во еден угостителски објект во градот.
-За јубилејот петнаесет години работа со копаничарство, ја подготвив својата втора самостојна изложба, откако во 2006 година за првпат со своја самостојна изложба се претставив пред моите сограѓани, за во меѓувреме да бидам дел и од три групни изложби организирани заедно со моите колеги од градот. На претстојната изложба ќе бидат претставени 13 дела, повеќето со завидна големина и од различен период на моето создавање – рече Марјан Тренески.
Тренески во овој период создал над 70 дела, од кои има и такви кои имаат исклучителна убавина и непроценлива вредност.
-За мене како резбар не е најважен квантитетот на создадени дела, туку е најважна нивната автентичност и дека во целост се создадени рачно и имаат голема фактичка вредност. Ако потсетам дека некои мои дела како што е иконостасот за црквата во село Душогубица, кој се работи повеќе од една година или Владичкиот престол за манастирот во село Селце-Прилепско, кој се создаваше неколку месеци, тогаш може да биде повеќе од јасно за какви монументални дела се работи. Исто така горд сум и на сознанието што дел од моите резби ги красат и домовите на наши печалбари во повеќе европски земји. Би сакал да порачам до помладите, овој прекрасен занает кој на нашиве простори живее со векови, да го продолжат да го работат и нивните дела да се приспомнуваат како делата на нашите бесмртни копаничари, Петре Гарката, Дичо Зограф и др. кои создавале пред еден, два или повеќе векови – додава Тренески, кој не штеди време и пари овој занает да го доведе до перфекција. Консултира литература од Русија но и од други земји, каде овој занает има длабоки корени и долга традиција.