По повод 27 март, Светскиот ден на театарот, театарот „Јордан Х.К.-Џинот“ од Велес премиерно ќе ја изведе својата најнова театарска продукција „Кралските копилиња“, авторски проект на Сашо Димоски. Станува збор за праизведба на современиот драмски текст „Кралските копилиња“ од Сашо Димоски, кој во својата жанровска дефиниција е театар на телото во епски слики, работен според посттројанскиот митски циклус сместен во кралската куќа „Арг“.
„Кралските копилиња“ е приказна за боголуѓето, која се случува непосредно по завршувањето на војната за Троја. Претстава за неможноста траумата да биде избришана како цивилизациско наследство и за кругот преку кој таа траума комуницира со секое време и простор.
Автор на текстот, режисер и автор на аудиовизуелниот концепт на претставата е Сашо Димоски, режијата на сценското движење е на Васил Зафирчев, видеодизајнот и анимациите се на Данчо Стефков и Крсте Шупев, сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Катерина Чукниева, музички соработник е Сашко Костов, а автор на дигиталните скулптури и плакатот е Адам Мартинакис.
Во претставата играат актерите: Васил Зафирчев како Агамемнон, Кети Борисовска како Клитемнестра, Талија Настова како Електра, Жарко Спасовски како Орест, Марија Стефановска како Ифигенија, Фаик Мефаилоски како Егист и Маја Љутков како Касандра.
„Кралските копилиња“ е прва премиера од годишната програма на Велешкиот театар за 2018 година, а театарот ја реализира од сопствени средства. Првата реприза на претставата е предвидена на 31 март.