Вечерва со почеток во 20 часот на сцената на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци се случува премиера на претставата „Од кол на кол“ во адаптација и режија на Диме Коцевски. Станува збор за комедија на познатиот англиски комедиограф Реј Куни, со оригинален наслов „Run for jour wife“.
-Ја сакам комедијата како жанр, и сакам да сум дел од вакви проекти, најчесто како актер, но еве веќе неколку пати и како режисер. Работевме три месеци со проверена актерска екипа, но имаме и двајца кои се прв пат дел од целовечерен театарски проект и за мене беше вистинско задоволство да пробам да ја направам таа потребна кохезија меѓу поискусните и помладите актери. Се надевам дека успеавме во тоа сите заедно, но сепак нема да откривам повеќе, ќе оставам публиката како наш верен критичар и најголем мотиватор да го каже своето мислење. Им благодарам на сите кои учествуваат во претставата, почнувајќи од актерите и целата екипа од сценограф до суфлер на успешната соработка и само можам да ја поканам нашата верна публика на една „луда вожња“ со такси час и половина и нешто, сите да се возат со нас, да се смеат и да уживаат во она што ние го правиме на сцената – вели режисерот на преставата Диме Коцевски.
Во комедијата „Од кол на кол“ играат: Диме Боцев, Валентина Ѓорѓиева, Ребека Малиминовска, Диме Коцевски, Видан Станоев, Магдалена Атанасова и Сашо Орешков. Сценографијата е на ликовниот уметник Трајче Јованов, а изборот на музиката и светло на Марјан Тодоровски.
Коцевски открива дека станува збор за театарски проект кој може буквално да ги задоволи сите вкусови и дека по оваа пролетна офанзива најавува плодна театарска сезона, сето тоа по повод одбележувањето на големиот јубилеј 90 години од изведбата на првата театарска претстава во Кавадарци.
Мирјана Мукаетва