Мултиуметничко патување со автобус на ЈСП низ Скопје, наречено „Омнибустопија“, ќе се случи вечерва со почеток во 20 часот. Станува збор за настан кој соединува предавање, дискусија, поезија и музика.
Зборно место ќе биде автобуската постојка „Фонтана“ во Градскиот парк, 15 минути пред 20 часот. Трасата ќе биде низ следниве населби: Градски парк, Карпош 1- 4, Влае, Ѓорче Петров, Тафталиџе, Козле, Кисела Вода, Аеродром, Чаир и повторно назад, пред Градски парк.
Штом автобусот тргне, предавање ќе има Вангел Ноневски на тема „Скопје 2014: урнисување на културата на средбата во скопскиот јавен простор“. Потоа ќе следуваат прашања и кратка дискусија со патниците. Потоа, на подвижната сцена ќе настапат Ана Голејшка Џикова и Ѓоко Здравески од „Астални проекции“, кои, заедно со нивната мрежа на поетеси и поети, ќе имаат настап, сличен на оние кои своевремено ги организираа во „Менада“. Настанот ќе се заокружи со едночасовен џез-концерт во автобусот на бендот „Светлост“, во состав Нинослав Спировски (саксофони), Дени Омерагиќ (контрабас) и Кристијан Новковски (тапани).
– „Омнибустопија“ има за цел да ја придвижи културата од центарот кон периферијата на Скопје и да ги помести границите на постојните културни и уметнички случувања во градот, надвор од фиксните, востановени места наменети за слични настани. Исто така, настанот има цел да создаде можност и пристап до културата за публиката од периферните делови на градот и да понуди инспирација за слични културни случувања во иднина – објаснуваат организаторите.
Организатор на настанот е Аксиома – Асоцијација за културна соработка и истражување: Владимир Лукаш, Јордан Шишовски и Вангел Ноневски.
Посетата на настанот е бесплатена, меѓутоа, поради ограничениот простор, максимален број на посетители ќе биде 70.