Mеѓународниот конкурс за поезија ,,Антево слово“, распишан третпат од меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“, ги прогласи годишните добитници. Жирито во кое членуваат претставници од семејството на доајенот на македонската поезија, Анте Поповски, како и еминентни претставници од книжевната/литературната област во Македонија и организаторот на меѓународниот фестивал: „Анџело ла Векија“, академик Катица Ќулавкова, Геро ла Векија, Митко Гогов, Александар Поповски и Жорж Поповски одлучија да ги наградат, а со тоа и да ги застапат во новата антологија на меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“ наградените автори.
Првата награда ја доби Драгана Евтимова за нејзината песна „Белег“, втората награда – Сузана Мицева со песната „Тефтер“ и Давиде Роко Колокраи за песната „Ќе бидам моето убаво сонување“, а трета награда – Игор Крајчев и песната „Победа“. Специјални награди ќе им бидат доделени на Марина Икономова Шокева („Стојам и гледам“), Дина Кампања за песната „Свилени навои“ и на Зоран Костески за „Ќе те сместам во стиховите“.
– Од особена важност е големиот одзив што го имавме и на третиот објавен конкурс (повеќе од 100 автори испратија свои стихови) и се надеваме дека во иднина сѐ повеќе поети ќе имаат можност да го промовираат своето творештво, како и да им се отвори можност да бидат прочитани од интернационална публика. Честитки до сите учесници на оваа манифестација, која допрва ќе направи Каникати, а со тоа и Сицилија да станат новиот светилник на италијанската, македонската, европската и на светска поезија – велат организаторите.