Во недела на сцената на Театарот за деца и младинци ќе се одигра стотата изведба на претставата „Пипи Долгиот Чорап“, чија премиерна изведба се случи во март 2013 година и е вистински хит цели седум години кај детската публика.
„Пипи Долгиот Чорап“ е работена според истоимената детска книга на Астрид Линдгрен и е лектира за основно образование. Одличната драматизација на Бојан Трифуновски, режисерката Драгана Милошевски-Попова ја претвори во незаборавна претстава. Не постои дете што не би сакало да ги види лудориите на Пипи, оригинално девојче што отскокнува од средината и по начинот на облекување и по начинот на однесување, пркосејќи им на сите општо прифатени норми и правила.
– Интересот за нашата Пипи, одиграна од актерка Соња Стамболџиоска, досега е незапаметен. Претставата изобилува со исклучително одиграни карактери, кои изобилуваат со хумор и ведрина – велат од театарот.