„Човек – број“ е тематската изложба на уметникот Стефан Анчевски, отворена во Ликовната галерија на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
– Принципот на „земи бројче“ можеби од една страна го олеснува воспоставувањето ред на чекање на шалтери на речиси веќе сите јавни администрации, банки, оператори, но од друга страна она најстрашното чекање не е изоставено. Токму тоа е појдовната точка на овој ликовен проект, кој сосема случајно (во тоа бескрајно чекање) почна да се развива за да го анализира човекот како број, поточно да го претвора или само да констатира дека од човековиот идентитет (единствен матичен број), редниот број во училишниот дневник, бројот на индекс, па сѐ до бројот на чевли, среќен број, број на години, број на шеќер во крвта. Човекот се одредува по случајност на броеви. Меѓутоа, не се работи за констатација, туку за чувство што го добивам секогаш кога ќе се повикам на одреден број – јас се претворам во број или бројот станува јас? Изработените графички решенија се со различни постапки и техники добиени по пат на случајност, без контрола врз една од најконтролираните ликовни техники – графиката – вели уметникот.
Стефан Анчевски дипломирал на ФЛУ во Скопје, учествувал на изложби во земјава и во странство и на повеќе ликовни колонии. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои на првата награда „Треш фор арт“ во 2014 г.