На местото каде некогаш се наоѓаше работилницата на мајсторот Вангел Деребан синоќа во чаршијата во Охрид беше отворен музеј посветен на филигранот, место каде ќе биде презентиран филигрански алат, поставка на филигрански алат како и презентација на сето културно богатство сочувано од семејството Деребан.
Станува збор за проект поддржан од ЕУ со гранд преку Проектот за регионална и локална конкурентност, а предвидува нов објект, внатрешно уредување, со три простории од кои едната е резервирана за поставка во која е изложен накит и предмети изработени од филигрански мајстори, потоа историски преглед на филигранскиот занает низ времето, како и работилница за изучување, запознавање и презентација на вештините на филигранството.
Меѓу експонатите изложени во музејот има семеен накит, собиран уште од 18 и 19 век, изработен од македонски кувенџии. Има целосен накит и женски и машки, од украси за глава, накит за облека, верски и црковни предмети се до машки предмети од филигран како ќостеци, чибуци и слично.
Дел од објектот е наменет за работилница каде тројца мајстори од Охрид ќе бидат ангажирани да изработуваат филигран, да подучуваат млади заинтересирани за занаетот, но и да презентираат пред заинтересираните и туристите како се изработуваат филигрански предмети.
Во рамки на свеченоста на отворањето на музејот со работилницата беше презентирано и реизданието на книгата „Македонскиот накит“ на Вангел Деребан.