Во Кинотеката на Македонија денеска почнува Неделата на современ полски филм што ќе се одржува до 9 мај и ќе бидат прикажани шест полски филма, а во исто време ќе бидат изложени и плакати од значајни полски филмови. Првиот филм што ќе биде прикажан е „Ноќен воз“ во режија на Јежи Кавалерович. На 5 мај следува филмот „Ракописот од Сарагоса“ режиран од Војчек Хас. На 6 мај ќе биде прикажан „Ветената земја“ од Анджеј Вајда, понеделник, 7 мај, е резервиран за Роман Полански и неговиот филм „Нож во вода“, кој премиерно е прикажан во 1962 година. Последните два дена од неделата на полски филмови се посветени на режисерот Кшиштоф Кешловски, при што во вторник ќе може да го погледнете „Краток филм за љубовта“, а следниот ден ќе биде прикажан „Краток филм за убивањето“.
Во освртот кон овие режисерски имиња и нивните дела, нашиот филмски критичар и новинар Стојан Синадинов запишува: „Изборот на овие пет автори од втората половина на 20 век сигурно може да се надгради и со нивните други дела, како и со други автори. Но тоа е како да правите избор на играчи за репрезентацијата на светот во фудбал, никој нема да биде задоволен ако тоа не е токму негов избор, но да не се лажеме, сите ќе уживаат да ја гледаат таа репрезентација. Какви „играчи“ беа Анджеј Вајда, Јежи Кавалерович, Војчек Хас, Роман Полански и Кшиштоф Кешловски? Секој посебен, сите заедно творци на колективниот ракопис на една ера, која, како што гледаме денес, нема пандан во европската и светска кинематографија. Иако снимаа филмови во ригиден идеолошки систем, успеваа да создадат посебна естетика, надвор од кампусот на важечкиот државен соцреалистички курс. Но, нота бене, и поинаков од т.н. емигрантска култура, чии протагонисти беа личности што пребегнале на Запад.