Исклучително баран, но не и секогаш расположен за гостувања, славниот Уелбек ја прифати поканата да биде гостин на фестивалот „Крокодил“ во Белград. За нас е куриозитет што на фестивалот е гостинка и македонската авторка Румена Бужаровска
Провокативниот, фален и оспоруван француски писател Мишел Уелбек и унгарскиот автор Ласло Краснахоркаи, кој исто така е еден од најавтентичните европски книжевници, се ѕвездите на 11. фестивал „Kрокодил“, кој од денеска до 9 јуни ќе претстави и низа истакнати писатели од регионот, а со дебатната програма е посветен на некои од најактуелните прашања на денешнината. За нас е куриозитет што на фестивалот е гостинка и македонската авторка Румена Бужаровска. Таа ќе биде претставена на првата фестивалска вечер преку читања, софа-интервјуа и перформанси, заедно со годинешниот добитник на НИН-овата награда, Владимир Табашевиќ, и еден од популарните современи автори Бојан Бабиќ, како и домашниот филмски и театарски режисер и писател Горан Марковиќ, со кого разговорот ќе го води филмскиот критичар и драматург Иван Велисављевиќ.
Исклучително баран, но не и секогаш расположен за гостувања, Уелбек ја прифати поканата на „Крокодил“ да дојде во Србија, бидејќи сака да ја запознае, соопштија организаторите, наведувајќи дека самиот инсистирал да има повеќечасовни средби со публиката, заедно со потпишувањето на книгите во кои говори за контрадикторностите на француското, но и на современото општество воопшто, предизвикувајќи контроверзни реакции, дури и обвинувања дека е расист, женомрзец и исламофоб, но и пофалби и награди.
Спроти отворањето на 11. „Крокодил“, пред музејот „25 Мај“, Уелбек ќе потпишува книги во Крокодиловиот центар за книжевност, за што беа потребни резервации и сите места веќе се пополнети, а утре обожавателите ќе имаат можност да се сретнат со него и во книжарницата на издавачката куќа „Бука“, која неговиот последен роман „Серотонин“ ја објави само неколку недели по француското издание. Разговорот со Уелбек ќе го води Ана Оташевиќ.
Директорот на Францускиот институт во Белград, Жан Баптист Кузан, му честиташе на здружението „Крокодил“ на успехот да го доведе Уелбек, „еден од големите моралисти на нашето време што ја избира својата публика“.
– Очекувањата од Уелбек се големи, бидејќи неговите поезија и проза имаат голема сила и симболика, кои се ретки во ова наше време – вели Кузан, изразувајќи особено задоволство што „Бука“, по низата романи ја најави и Уелбековата антологија на поезијата, во превод на Владимир Т.Јанковиќ.
Освен што отворено зборува за сите контрадикторности на француското општество, Уелебек, како што истакна Кузан, е и „многу добар аналитичар на човековата душа, што го прави многу добар писател, но и добар човек“.
Се очекува дека Уелбек, пред сѐ, ќе зборува за себе, за своето творештво и за комплексниот однос со Франција, но и дека при гостувањето во Белград, кое му претходи на најавената посета на францускиот претседател Емануел Макрон, ќе се осврне и на актуелната ситуација на овие простори, во Европа и пошироко.
– Самиот факт дека доаѓа во Србија веќе е политичка порака. По Грузија (минатата година) никаде не гостувал – рече Ана Пејовиќ од здружението „Крокодил“.
Ѕвезда на втората вечер ќе биде Ласло Краснахоркаи, еден од најзначајните и најпреведувани унгарски прозаисти, кој со Марко Чудиќ ќе разговара за своето творештво, карактеристично по апокалиптичната иронично-пародиска слика на современа Унгарија и светот.
„Крокодил“ ја продолжува и дебатната програма која е посветена на најактуелните општествено-политички теми од перспектива на културата, односно на писателите. Дебатната програма утре ќе ја отвори разговорот на темата „Соседи – соочување со сегашноста“, во кој ќе учествуваат Румена Бужаровска, Адриан Козмин Перта, Габор Шајн и Лана Басташиќ, а ќе зборуваат за силниот пораст на конзерватизмот и новиот бран на национализам, за јакнењето на десничарските движења во регионот на централна и југоисточна Европа, како и за протекционизмот мотивиран од економската криза и од мигрантските бранови од Блискиот Исток.
– Соочувањето со минатото се покажува како неможност, но е неминовно во регионот, каде што соседите се обидуваат да изградат што поголеми ѕидови – рече Милена Бериќ во име на организаторот, додавајќи дека поради тоа прашањето е која е улогата на писателите во таквата ситуација и дали треба да пишуваат и говорат за тоа.
Трета година по ред „Kрокодил“ има и хуманитарен карактер, а годинава ја претставува акцијата „За бебињата суперхерои“ и ги повикува сите присутни со донации да ја помогнат работата на Институтот за неонатологија на Србија. Фестивалот „Крокодил“ (Книжевно регионално собирање што ја отстранува досадата и летаргијата) од основањето во 2009 година стана еден од најпосетените книжевни настани во регионот. Досега се одржани осум летни фестивали и 12 гостувачки изданија во седум европски земји, со учество на повеќе од 150 писатели од земјата, регионот и од Европа.