Со цел да ја разбијат монотонијата во градот, доаѓаат интернационалните студентски средби „Скомрахи 2018“ или фестивалот за театар, филм и културен контраст на секојдневието.
Од 1 до 6 ноември на Факултетот за драмски уметности – Скопје пред публиката ќе се претстават студентите од aкадемиите и факултетите за драмски уметности од регионот и Европа.
„Скомрахи“ за првпат се одржаа во 1988 година како одговор на потребата на студентите да разменуваат искуства и знаења со други академии и факултети, а веќе и прераснаа во уникатно фестивалско искуство за сите кои сакаат да ја поддржат студентската театарска и филмска сцена.
Во шесте дена на „Скомрахи“, публиката ќе има можност да ги погледне филмовите и претставите на студентите од академиите и факултетите од Белград, Фрајбург, Загреб, Осјек, Сарајево, Приштина и Скопје.
Фестивалот ќе го отворат студентите по актерска игра од четврта година на Факултетот за драмски уметности – Скопје во класата на проф. М-р Мими Таневска – Србиновска и дем. Ангелчо Илиевски со претставата „ММЕ кој прв почна“ по текст на Дејан Дуковски.
Посветени на секојдневието во кое ни се смее и ни се плаче, каде остро изразената спротивност е неизбежна, покрај главната програма на „Скомрахи“, студентите од ФДУ ве покануваат на СкомрахOFF, придружна програма која ќе понуди музика, дружба и алтернативни активности за сите.
За сите оние на кои им се смее и им се плаче, влезот е бесплатен.