Оркестарот на Филхармонија в петок во 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Мастерклас со Лајовиц“, на кој како солист ќе настапи македонскиот виолончелист Паскал Краповски. На програмата се дела од Росини, Хајдн и Дворжак.
Концертот ќе го водат млади диригенти кои ќе учествуваат на мастеркласот кој ќе го води познатиот словенечки маестро Урош Лајовиц. Тие оваа недела ќе работат со оркестарот на Филхармонија, а најдобрите ќе го водат концертот в петок.
Урош Лајовиц е роден на 4 јули 1944 година во Љубљана. Студирал композиција и диригирање на Музичката академија во Љубљана, каде и дипломирал на двата смера во 1967, односно 1969. година. За исклучителни остварувања во двете области, во 1968. и 1969. Година ја доби студентската Прешернова награда. Се усовршал на Високата школа за музика и сценска уметност во Виена, во класата на проф. Ханс Сваровски, каде дипломирал со почести во 1971 година и ја добил Завршната награда (Abgangspreis).
Во 1968 и 1969 година, учествува на Салцбуршката летна академија, каде учел диригирање во класата на проф. Бруно Мадерна. Во периодот од 1972. до 1991. година работи во Словенечката филхармонија, прво како помошник диригент, а од 1978. Година како постојан диригент. Паралелно го води Камерниот оркестар на РТВ Словенија од 1974. до 1976. годинa, бил шеф-диригент на Симфонискиот оркестар на Хрватската радиотелевизијa од 1979. до 1981, а во 1988 година го основа Камерниот ансамбл Slovenicum, со кој организира самостоен циклус концерти во Љубљана во текот на наредните дванаесет години и настапува ширум Словенија..Покрај работата во матичните институции, настапувал ширум Европа, диригирал во САД, Колумбија (Богота), Јужна Кореја (Сеул), Тајван (Тајпеј), Хонг Конг, Кина (Шенжен) и Јапонија (Токио, Хирошима). За време на повеќе од четириесетгодишата кариера одржал повеќе од 1400 концерти, диригирал со повеќе од 90 различни симфониски оркестри и ансамбли и соработувал со повеќе од 900 солисти.
Својот уметнички израз, Паскал Краповски активно го презентира на концертните подиуми низ Македонија и во странство. Професионалниот ангажман како водач-виолончелист при Македонската филхармонија му овозможува активно да се занимава и со камерното музицирање како член на триото „Парнасус“ и на „Music Progressive Quartet”. Покрај изведувачката дејност, активно се занимава со педагошка и со истражувачка дејност. Роден е во семејство со долга музичка традиција. Своето образование го започнува со Ристо Краповски и со Диме Стојанов во Скопје, по што продолжува со додипломски и постдипломски студии во класата на Анатоли Крстев на Државната академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Во периодот 2018/2019 година, имал академски престој на Универзитетот на Северно Колорадо во САД, како асистент во класата на Гал Фаганел.