Kонцертот насловен „Мастерклас со Лајовиц“, на кој како солист ќе настапи македонскиот виолончелист Паскал Краповски, ќе се одржи утревечер, во 20 часот, во Филхармонијата. На програмата се дела од Росини, Хајдн и Дворжак. Концертот ќе го водат млади диригенти што учествуваа на мастеркласот што го водеше познатиот словенечки маестро Урош Лајовиц.
Урош Лајовиц студирал композиција и диригирање на Музичката академија во Љубљана, каде што и дипломирал на двете насоки во 1969 година. За исклучителни остварувања во двете области ја доби студентската „Прешернова награда“. Се усовршил на Високата школа за музика и сценска уметност во Виена, каде што дипломирал со почести во 1971 година и ја добил завршната награда. Учествувал на Салцбуршката летна академија, потоа работел во Словенечката филхармонија… Покрај работата во матичните институции, настапувал низ Европа, диригирал во САД, Колумбија (Богота), Јужна Кореја (Сеул), Тајван (Тајпеј), Хонгконг, Кина (Шенжен) и Јапонија (Токио, Хирошима). За време на повеќе од четириесетгодишната кариера одржал над 1.400 концерти, диригирал со повеќе од 90 различни симфониски оркестри и ансамбли и соработувал со повеќе од 900 солисти.
Својот уметнички израз, Паскал Краповски активно го презентира на концертните подиуми низ Македонија и во странство. Професионалниот ангажман како водач виолончелист при Македонската филхармонија му овозможува активно да се занимава и со камерното музицирање како член на триото „Парнасус“ и на „Мјузик прогресив квартет“. Покрај изведувачката дејност, активно се занимава со педагошка и со истражувачка дејност. Своето образование го започнува со Ристо Краповски и со Диме Стојанов во Скопје, по што продолжува со додипломски и постдипломски студии во класата на Анатоли Крстев на државната академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Во периодот 2018/2019 година имал академски престој на Универзитетот на Северно Колорадо во САД, како асистент во класата на Гал Фаганел.