Меѓу застапените автори во грчката „Антологија на балканското расказно творештво“ се и великаните на балканската литература: нобеловците Иво Андриќ и Орхан Памук, како и книжевни доајени како Мирослав Крлежа, Елин Пелин, Андонис Самаракис, Исмаил Кадаре
Во издание на грчката издавачка куќа „Литератус“ од Солун е објавена „Антологијата на балканското расказно творештво“. Со изборот на раскази од сите современи балкански литератури, реализиран на 428 страници, книгата го опфаќа целиот период од 20 и 21 век. Во својот книжевен избор, со вкупно 71 расказ од сите дванаесет балкански земји, авторот Ставрос Г. Дајос селектирал дури осум прозни творби на писатели од нашава земја: Ташко Георгиевски, Влада Урошевиќ, Томислав Османли, Ким Мехмети, Оливера Ќорвезироска, Шазим Мехмети, Румена Бужаровска и Шкелзен Халими.
Потребата од создавањето на оваа нова антологиска објава, авторот и издавач Ставрос Г. Дајос ја објаснува со динамично променетата балканска реалност.
– По големите историски промени од 1990-тите, означени со расточувањата на структурите од источниот појас и со жестокиот распад на југословенската федерација, се појавија нови состојби, потреби, теми, автори и видувања, а беа поставени и нови критериуми за изразување и за задоволување на литературните поттици на современото балканското етничко, државно и јазично расејување. Некои од тие нови појави ги пополнува овој опсежен прозен избор – вели тој.
Неговата „Антологија на балканското расказно творештво“ опфаќа 68 писатели, 71 краток расказ и 34 преведувачи, од дванаесетте балкански држави.
Тоа се автори, смета антологичарот, што добиле врвни литературни награди или што добиваат книжевни потврди од литературната критика, како и од квалификуваните читатели. Меѓу застапените автори се и великаните на балканската литература: нобеловците Иво Андриќ и Орхан Памук, како и книжевни доајени како Мирослав Крлежа, Елин Пелин, Андонис Самаракис, Исмаил Кадаре и други истакнати писатели на поширокиот балкански книжевен регион.
Антологијата застапува избор на прози од осум современи македонски писатели, од неколку генерации: академиците Влада Урошевиќ (1934) со расказот „Тешка ноќ“ и Ташко Георгиевски (1935 – 2012) со „Црвениот коњ“, потоа Томислав Османли (1956) со „Шапката на професорот Даштевски“, Оливера Ќорвезироска (1965) со „Бошко Буха“ и Румена Бужаровска (1981) со „Мојот маж поет“, од авторите што создаваат на македонски, како и нашите автори што пишуваат на албански јазик: Ким Мехмети (1955) со расказот „Куќата на крајот од селото“ , Шазим Мехмети (1958) со „Смртта на старецот“ и Шкелзен Халими (1961) со расказот „Берта“. Преводите од македонски јазик се на Костас Катсанос (преведувач на три раскази), како Васко Караџа, и Мариа Думба (по една проза), додека од албански преводите ги реализира С. Дагјос. Советодавен придонес во предлогот на поголем број прозаисти од нашата земја на грчкиот антологичар му дал и нашиот писател Лулзим Хазири.
Претходната „Антологија на балканскиот расказ“ на авторот Јанис В. Бенекос и атинското книгоиздателство „Воцис Никос“ во Грција била објавена во далечната 1981 година, со по пет автори од вкупно шесте тогаш постојни балкански земји, поточно со вкупно 30 застапени балкански писатели. Новата антологија на Ставрос Дајос го става македонскиот расказ рамноправно со творештвото во жанрот на кратката проза од единаесетте преостанати балкански држави. Како што известуваат од книгоиздателството „Литератус“, антологијата на балканскиот расказ, дистрибуирана во сите големи книжарници на соседната земја, на широкото грчко читателство му станува достапна деновиве.