Безвременскиот балет „Лебедово езеро“ ќе биде изведен во Македонската опера и балет на 12 април, со почеток во 20 часот.
-Класика која ја раскажува вечната борба помеѓу доброто и злото. Легендата за мистериозната лебед-жена е еден од најромантичните класични балети, и се карактеризира со многу елеганција, стил и хармонија. Со познатата, лирска мелодија на Чајковски, „Лебедово езеро“ ја отсликува трагичната љубов помеѓу принцезата Одета и принцот Зигфрид. Ова е универзално и волшебно ремек-дело на љубов, измама и драма- велат од МОБ.
Во улогата на Одета/Одилија настапува Мими Поп Алексова-Атанасовскa, принцот Зигфрид е Бобан Ковачевски, а во улогата на Ротбарт е гостинот од Италија Давиде Буфоне.
Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Македонската опера и балет. Диригент e Бисера Чадловска.
Национална првенка на Хрватска, Ирена Пасариќ ќе гостува во НУ МОБ каде што ќе ги држи задолжителните вежби на Балетот и пробите за престојните претстави „Лебедово езеро“.