Професорот на Филмската академија во Виена, Кристијан Бергер, е годинешен добитник на наградата „златна камера 300“ за животен опус на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Станува збор за еден од најприсутните светски кинематографери на фестивалот.
За време на престојот во Битола, тој ќе приреди работилница за новиот „Систем за рефлектирачко филмско осветлување Бергер/Бартенбах“, направен во соработка со „Бартенбах лихтлабор“. Системот овозможил многу нови естетски можности за камерата и за директорите на фотографија, според Бергер, кој во два наврата го презентираше системот во рамките на изданијата на ИФФК „Браќа Манаки“.
Бергер во 2008 година, како кинематографер, беше избран за претседател фестивалското жири, а четири години подоцна беше освојувач на „Специјалната Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.
Бергер е носител и на престижната награда на Американското здружение за кинематографија за најдобар кинематографер, за филмот „Белата панделка“. Токму оваа награда од 2010 година му донесе и членство во Американската филмска академија, која ги доделува „оскарите“.