Најновата краткометражна анимација „Една“ на Вук Митевски својата премиера ќе ја има на престижниот 59-то Интернационален филмски фестивал во Краков. Филмот ќе биде прикажан во главната конкуренција за кратки и анимирани филмови и ќе се бори за наградата „сребрен змеј“ за најдобар анимиран филм, со уште девет анимации од целиот свет. Проекциите се денеска и на 30 мај.
Фестивалот во Краков се вбројува во најдобрите десет фестивали во светот посветени на анимираните филмови, и вброен е помеѓу ретките фестивали што водат до директна номинација за наградата „оскар“ во категоријата на кратка анимација.
„Една“ е 11-минутна анимација инспирирана од бегалската криза, каде што Македонија како транзитна земја ја проследи река од човечки судбини. Во суштина тоа е љубовна приказна поставена во многу необични околности, раскажана на многу апстрактен и поетски начин. Анимацијата е целосно изработена во рачен цртеж и на авторот му биле потребни скоро три години за да ја изработи. Филмот е копродукција помеѓу Македонија и Белгија и е поддржана од македонската Агенција за филм.
Продукцијата целосно се одвиваше во Македонија, а постпродукцијата во Германија, каде што е работен звукот, во Франција каде што се изработуваше музиката, и во Белгија каде што се работеше лабораторијата и миксот. Сценариото е на Теона Стругар Митевска, музиката е на Оливие Самујо, звукот на Емил Клотзц, а монтажата на Благоја Неделковски и Ванчo Мираковски.
По претходниот голем успех со повеќекратно наградуваната анимација „Алерик“, ова е четврта анимација на Вук Митевски.