Дрезден е преубав град, нарекуван и Фиренца на реката Елба, кој болно потсетува каков убав и функционален град можеше да биде Скопје, наспроти градот што го имаме денес, вели фотографот Иван Блажев, кој на Белградскиот месец на фотографија се претставува со самостојна изложба
Иван Блажев, фотограф
Фотографот Иван Блажев деновиве се претставува на Белградскиот месец на фотографијата со самостојна изложба, којашто е отворена во галеријата „Биоскоп Балкан“ во Белград. На неа се презентирани фотографии од неговиот дел од групниот проект за Дрезден, кој досега го видоа скопската и дрезденската публика.
Блажев дипломирал филмска режија на Бруклинскиот колеџ во Њујорк, а магистрирал ликовни уметности со фотографија на Академијата за уметности во Нови Сад. Живее во Скопје и работи како фотограф, режисер и предавач. Изложувал на самостојни и групни изложби во Македонија и во странство. Има издадено книги со фотографии, а неговите фотографии се дел и од повеќе групни фотографски изданија. Фотографската дејност на Иван Блажев е во сферата на документарната фотографија.
Што досега самиот, но и заедно со фотографите Александар Кондев и Матијас Шуман презентиравте од фотографиите снимени во рамките на проектот за градот Дрезден?
– Проектот за Дрезден во самиот старт беше замислен и се реализира како групен проект во кој учествуваат тројца фотографи – јас и Александар Кондев од Скопје и германскиот фотограф Матијас Шуман од Дрезден. Проектот произлезе од културната соработката на ниво на збратимени градови на Скопје и Дрезден. Откако Матијас Шуман престојуваше во Скопје на фотографска резиденција во 2017 година и го фотографираше градот, во 2018 година јас и Кондев бевме поканети на резиденција во Дрезден за да го фотографираме тој град и потоа од тие фотографии да се реализира групна изложба во која би се вклучил и Шуман со видување на Дрезден како негов жител, а јас и Кондев со погледи на странци, негови посетители. Премиерно изложбата беше поставена во Скопје, во Културно-информативниот центар, во октомври 2019 година, а потоа со малку подизменет концепт и наслов беше поставена во Дрезден, во Галеријата на Градското собрание, во февруари 2020 година. Бидејќи станува збор за групна изложба, секој од нас учествуваше со број, селекција и начин на поставка на фотографиите, кои гледавме да кореспондираат или да се дополнуваат едни со други, во согласност со заедничкиот концепт. Сега, во Белград, за првпат имам можност да го претставам мојот дел од проектот како самостојна поставка. Тоа во принцип значи поголем број изложени фотографии, концепт и начин на поставка соодветна на идејата за мојот дел од фотографиите.
Уште еден момент поврзан со проектот за Дрезден е и фотографскиот филм што го направив составен од многу поголема селекција на фотографии направени во тој град, комбинирани со оригинален звук, компониран од англискиот звучен уметник Мајк Блоу. Како и мојот дел од проектот за Дрезден, филмот го носи насловот „Сето време е сето време“. Овој филм беше претставен премиерно во Скопје, во Музејот на современата уметност, во рамките на КРИК, фестивалот за критичка уметност, а потоа и во Белград и во Франција. Сега повторно ќе биде прикажан, паралелно со изложбата во рамките на Белградскиот месец на фотографија, во програма со неколку други филмови направени од фотографии насловена „Направени од фотографии“.
Зошто одбравте да работите на проектот за Дрезден, како професионално и лично го доживеавте тој град?
– Одбрав да учествувам во проектот или, поточно кажано, воопшто не се двоумев да ја прифатам поканата за учество од неколку причини. Фотографијата за мене отсекогаш претставувала начин за доближување, осознавање и искусување на нештата и светот околу мене. Кога стигна предлогот за учество на резиденцијата и фотографирање на Дрезден, пред сѐ тоа претставуваше можност за стекнување со ново искуство и запознавање нова средина низ фотографирање и, секако, можност за нов проект. Другата причина е можеби и поинтересна. За првпат со Дрезден и неговата фатална историја за време на Втората светска војна се запознав во средношколските денови, кога ја прочитав книгата на Курт Вонегат, „Кланица 5“, која тематски се осврнува на контроверзното бомбардирање на Дрезден на крајот на Втората светска војна. Таа книга остави огромен впечаток на мене и ми е една од омилените книги, на која одвреме-навреме ѝ се имам навраќано низ годините. Со оглед на тоа што немавме никакви ограничувања за изборот на темата во рамките на резиденцијата, се израдував на можноста да ја барам инспирацијата за фотопроектот за Дрезден во една од моите омилени книги. Така и бидна, „Кланица 5“ на Курт Вонегат и темите на време и сеќавање што произлегуваат од книгата се главната инспирација за овој фотографски проект. Насловот на проектот „Сето време е сето време“ е цитат од книгата. Инаку Дрезден е преубав град, нарекуван и Фиренца на реката Елба, со богато историско, политичко и економско минато, разурнат до темел на крајот на Втората светска војна и потоа обновен по истиот урнек, дел од источниот блок по војната, а денес град по многу нешта сличен на Скопје, кој болно потсетува каков убав и функционален град можеше да биде Скопје, наспроти градот што го имаме денес.
На Белградскиот месец на фотографијата бевте присутен и претходно, со изложбата „Во 3 наутро“, која е проследена со книга. Рачно изработивте и фотокнига со звучен елемент на работилница во Атина во истата 2018 година. Важно ли ви е фотографиите, освен на изложби, да бидат презентирани и во книги и на колку книги досега сте автор и коавтор?
– Книгата како форма ми претставува важен и сакан медиум за презентирање фотографии. Затоа и се трудам секој поголем проект што го работам да има завршница во форма на фотокнига. Досега имам објавено шест фотокниги како автор и четири како коавтор, односно како книги на група автори, и уште неколку изданија во форма на фотокниги во кои има објавено мои фотографии. Би сакал да го видам и овој најнов проект за Дрезден во форма на книга, но тоа да биде во некоја „поалтернативна“ форма на книга, рачно изработена, во помал тираж, книга уметничко дело, за разлика од класичниот формат на фотомонографии. Звучната книга што ја споменавте од група автори, помеѓу кои бев и јас, која беше изработена во Атина по една работилница во која учествував, е пример за правецот на изработка на фотокниги во кој би сакал понатаму да истражувам и да ги развивам моите проекти. Станува збор за книга што содржи и звучен елемент, која беше рачно изработена, која прекрши неколку правила на стандарден технички квалитет, но која по својата суштина на крајот е многу повредна и интересна од многу други технички поквалитетни изданија.
Вашата фотолирика и специфична авторска естетика останува меморирана и во книгата „Концерт за мирис и оркестар“, која како избор од творештвото на Лилјана Дирјан во 2020 година ја издаде „Темплум“. Што мислите за овој несекојдневен проект, кој сѐ уште предизвикува добри реакции во читателските кругови?
– Книгата „Концерт за мирис и оркестар“, чиј уредник е Никола Гелевски, во издание на „Темплум“, е пример за проект на кој никогаш не сте се надевале, проект што ве нашол вас, наместо вие него, и кој на крајот ви е многу, многу драг и со кој неизмерно се гордеете. Лилјана Дирјан, за жал, лично не ја познавав, а и бев запознаен со многу мал дел од нејзиното творештво, главно поезија. Еден убав есенски ден, Гелевски ми понуди можност за соработка, така што неколку мои фотографии, и тоа претежно од проектот „Македонија сонувајќи“, би биле вметнати во изданието со избор од творештвото на Дирјан. Бидејќи многу ги ценам интегритетот и квалитетот на изданијата на „Темплум“, без многу двоумење и прашања ја прифатив соработката и можноста да се објават мои фотографии во уште едно книжевно издание. Оттука, во следниот период селекцијата на фотографии се прошири и опфати фотографии од други проекти, како и неколку фотографии што никогаш досега не биле објавени. Тоа беше можност да прочепкам по личната фотографска архива, од каде што извадив и многу постари фотографии, фотографии на кои имам и заборавено, а на крајот Никола Гелевски направи финална селекција, која одлично се вклопува и дополнува со творештвото на Лилјана Дирјан и заедно создаваат една динамична сложувалка. Дизајнот на „Кома“ и техничката изработка само го комплетираа целиот производ во книга од која сум презадоволен и која ми е многу драга. А особено ми е значаен моментот дека иако никогаш не ја запознав Лилјана Дирјан, ете, имаме заедничко дело, кое се надевам ќе допре до поголем број читатели.
И на крајот едно неизбежно прашање поврзано со пандемичната сегашност. Што најмногу ви пречи, но и сѐ уште ви недостига во корона-кризава на професионален и на личен план?
– Ми пречи тоа што не се направи повеќе уште во самиот старт за да се спречи развојот на пандемијата, што тие што ја имаа моќта на одлучување не презедоа доволно мерки да се спречи проширувањето и дозволија да дојдеме во ситуацијата во која се најдовме. Ми пречи што и денес, цела година и повеќе подоцна, економијата и личните интереси на неколкумина повластени сѐ уште се поважни од човечките животи и здравје. Ми пречи тоа што многу луѓе покажаа висок степен на несериозност, арогантност и игнорантност во односот кон пандемијата и не презедоа одговорност за своите лични постапки, со кои можеа да влијаат макар и на локално микрониво кон намалување на ефектот од пандемијата. Ми пречи и ме вознемирува состојбата во која се наоѓаме и последиците што ги трпиме. А најмногу ми недостига можноста за слободно патување, и на личен и на професионален план. Имам неколку идеи за нови проекти и планови за презентација на веќе сработените проекти поврзани со патувања, кои се неостварливи во моментов поради глобалната ситуација.