Јосифов веќе десетина години својата кариера ја гради низ светот, претежно во САД. Зад себе има многубројни изложби и мултимедијални перформанси, кои го сместуваат меѓу најкреативните уметници во светски рамки
Уметникот Игор Јосифов во Националниот центар за современи уметности во Калининград, Русија, на 7 февруари ќе изведе перформанс за време на отворањето на неговата изложба. На изложбата ќе ја претстави инсталацијата со стaклени скулптури насловена „Разјаснување/парчиња стакло“, во музејската изложба „Симпли спејс“, која ќе може да се погледне до 17 март.
Неговата инсталација „Разјаснување/парчиња стакло“ се состои од инсталирање стаклени скулптури и видeoпроекции врз нив, како се кршат во различни елементи. Со ова дело учествуваше на Биеналето на уметноста во Ташкент во Узбекистан, кое се одржа во октомври лани, а доби покана и за учество на Венециското биенале, кое ќе се случува годинава. Тој вели дека учеството во Венеција ќе биде на една од најзначајните изложби во неговата кариера.
Јосифов веќе десетина години својата кариера ја гради низ светот, претежно во САД. Зад себе има многубројни изложби и мултимедијални перформанси, кои го сместуваат меѓу најкреативните уметници во светски рамки.
Игор Јосифов е роден во 1986 година во Кавадарци. Дипломирал на Академијата за уметност во Сан Франциско во 2009 година. Самостојно изложувал во Сан Франциско, Беркли, Чикаго, Њујорк, Париз, Ширјах. Учествувал на повеќе групни изложби во земјава и во странство. Студиски престојувал во „Вотермил центар“ (Њујорк), а во моментов живее и работи на релацијата Сан Франциско – Париз.
Јосифов наедно е и единствениот македонски уметник што учествувал во перформанс на славната Марина Абрамовиќ, која својата кариера ја почна во раните 1970-ти години и е активна повеќе од три децении, а неодамна се опиша себеси како „баба на уметноста на перформансот“. Тој учествуваше во нејзиниот перформанс во њујоршкиот музеј „МоМА“, „Уметникот е присутен“, во кој таа седеше на маса во тишина, а посетителите на музејот седнуваа отспротива и гледаа во неа. Абрамовиќ исто така присуствувала и на перформанс на Јосифов во „Арт-институтот“ во Чикаго.