Своето излагање на фотографии изработени на тема женски маски од Вевчанскиот карневал, поетот и фотограф Анастас Ќушкоски, го имаше во основното училиште „Христо Узунов“ во село Другово. На оваа ликовна изложба беа претставени над 30 фотографии изработени во последните 14 години поточно од 2005 наваму, до кога постоеше забрана за жените да бидат под маски.
-Пријатно сум изненаден од приемот и организацијата на оваа културна манифестација, на која покрај мојата изложба беа организирани и други поетски настапи и еден перформанс на пантомима, кој беше своевидна најава за изложбата – рече авторот на изложбата Анастас Ќушкоски.
Авторот додаде, дека изложените триесетина експонати на тема „Женски маски од Вевчанскиот карневал“ во суштина се најава на празникот на жената како и денот на армасаните, односно Прочка, каде што и жената има свое забележително учество.
-Ова се првите појави на жената под маска меѓу Вевчанските василичари, кои од целосна забрана на гледање на тие страшни сурати, станаа рамноправни учеснички на овој суров уличен театар и ја збогатија македонската традиција- вели авторот Ќушкоски.
Промоторот на оваа изложба поетот и писател од Охрид, Мирко Томовски, во својот вовед истакна, дека авторот на овие фотографии бил понесен од нивната храброст и инвентивност во креирањето на новата реалност во многувековната традиција.
-Фасцинираат женските ликови на сурати со својата свежина, пораки кои зборуваат за супериорноста на жената која може да биде и рокерка, но и битие на плодноста- рече промоторт Томовски.
З.А