Изложбата „Каде читаш?“ на Наталија Лукомска ќе биде отворена на 25 септември (четврток), во организација на „КЦ 750“, во паркот Авионче, во Аеродром, во 19 часот. Постерите, кои ќе бидат изложени на 25 и 26 септември (19-22 часот), и на духовит начин покажуваат дека нема лошо време и место за читање, а се дел од кампањата на издавачката куќа „Бегемот“ за промоција на читањето и развивање на читателската култура во Македонија.
Наталија Лукомска (1981) е илустраторка и графичка дизајнерка. Се занимава со илустрирање и графичка обработка на книги и дизајн на постери. Соработува со неколку македонски и полски издавачки куќи, работела на визуелна идентификација на фестивалот „Арт ериа“ во Скопје, а изработувала илустрации и за џез-фестивалот во Катовице. Моментално работи на илустрации за книга за деца.
„КЦ 750“ е мал, мобилен културен центар, заеднички проект на Иван Шопов и Владимир Лукаш. Целта на проектот, поддржан од Министерството за култура, е развивање и поттикнување нови модели за искористување на јавниот простор, за културни намени.