Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“ и издавачката куќа „Матица македонска“, во чест на 78-годишнината од раѓањето и 10-годишнината од заминувањето на Михаил Левенски, ја објавија неговата поезија во една збирка песни под име „Лачи искрини“. Збирката е ексклузивно обликувано поетско издание што на близу 300 страници содржи избор песни од две стихозбирки на Левенски – „Создавање на светот во мене“ (1996) и „Лош препис од оригиналот – З“ (1997). Надвор од секоја хронологија, 78-те песни се поделени во два дела: „Чувственик“ и „Ѕвездопад“.
– Севременската поезија на Михаил Левенски е богатство извадено од ковчеже. Нејзиниот нов здив од неа ја избриша сета патина и сега сјае и отсјајува, а ќе го облагороди секој оној што над неа ќе се наднесе и нештедливо ќе ѝ ги отвори своите сетила. Фондацијата смета дека е неопходно, во ова време, да се потсетиме на основните вредности на живеењето, да се вратиме кон човечноста, добрината, убавината, благодарноста и смислата на живеењето – велат од фондацијата.
Рецензиите се на Витомир Митевски, Венко Андоновски, Весна Мојсова-Чепишевска и Киро Донев (кон новото издание), а книгата ги содржи и рецензиите од првичните стихозбирки потпишани од Видое Подгорец и од Јован Котески.
– Да се има в раце поезија од еден славен македонски психијатар, значи да се добие непроценливо богатство: увид во душата на оној што ги лекувал и исцелувал нашите души… Левенски се доближува до сфаќањата на Блаже Конески за поезијата како сеизмограф што ги бележи и најситните, најнечујните и најневидливите треперења во космосот, како и најситните конвулзии на душата – пишува во својата рецензија Венко Андоновски.
Михаил Левенски е психијатар и писател: поет, раскажувач и драматург. Автор е на голем број литературни дела, радио и ТВ-драми и сценарија за филмови, како на книгата „Како да станам свој“, посветена на младите за себеизградување.