Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, во рамките на едицијата „Громови“, ја објави книгата „Играта“ од италијанскиот автор Алесандро Барико. Веројатно не постои човек што барем еднаш не ја обвинил технологијата за создавање едно френетично, плитко општество, кое сè позабрзано ита кон катаклизма. Но што ако, давајќи ваков суд, ние всушност гледаме од една „неапдејтирана“ перспектива? Што ако површноста е новата длабочина? Што ако дематеријализацијата на светот и неговото преточување во единици и нули се всушност внимателно смислена стратегија од страна на едно човештво што прави сè за да не се повторат ужасите на 20 век?
– Барико, со само нему својствениот шарм, ни ги претставува своите луцидно откачени сфаќања… Тој ни го свртува вниманието кон видеоиграта, во која гледа феномен што на ненаметлив а категоричен начин ги поставува клучните начела на една колку неопходна толку и возбудлива доба од развојот на човечката цивилизација: добата во која живееме денес – Играта. Со оваа книга „Антолог“ ја збогатува својата понуда на книги од ценетиот италијански автор Алесандро Барико, од кого досега има објавено шест романи и две книги есеи, од кои едната е „Играта“ – вели издавачот.
Алесандро Барико (1958) е италијански романсиер, сценарист, пијанист, книжевен и музички критичар, новинар, режисер и есеист. Автор е на единаесет романи. Студирал филозофија и пијано. Основач е на училиштето за креативно пишување „Скуола Холден“, именувано по лик од романот „Игра во ’ржта“ од Џ.Д. Селинџер. Автор е на тринаесет романи, како и на книги есеи и колумни. Светска слава стекнува со филмската адаптација на неговиот театарски монолог
„Новеченто“ од страна на оскаровецот Џузепе Торнаторе. Добитник е на голем број книжевни награди во Франција и во Италија. Соработувал со францускиот бенд „Ер“. Неговите дела се преведувани и обожавани во многу средини, меѓу кои исклучително во Македонија. Македонското издание на книгата е преведено од Живко Грозданоски, а графички уредено од Марко Трпески.