Премиерот Зоран Заев денеска беше домаќин на секретарот на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, Атанас Конески.
Конески на средбата, во име на фондацијата „Небрегово“, на премиерот Заев му врачи плакета и признание како израз на благодарност за неговата лична посветеност во поддршката на активностите на фондацијата за афирмација на животот и делото на Блаже Конески и за реализација на активностите кои се вклучени во Националната програма за одбележување на 100 годишнината од раѓањето на Конески.
Секретарот на Фондацијата „Небрегово“ на премиерот му ги врачи и изданијата на фондацијата предвидени со програмата, меѓу кои централно место имаат изданијата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, што е всушност реиздание на истоименото дело на академик Конески објавено во 1948 година, потоа репринтот на публикацијата „Граматичарот Конески“ по повод 65-годишнината од првото издание на граматиката на академик Конески, како и книгите „Конески инспирира и мотивира“, и „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“, од Блаже Конески.
Заев на средбата истакна дека Владата, заедно со Министерството за култура останува целосно посветена на реализацијата на севкупната програма за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.
– Блаже Конески со своето дело ги задолжи сите генерации да го чествуваат неговиот придонес за македонскиот јазик, неговото останато научно дело, неговата поезија, неговата културна и национална мисија, кои ги претставуваат највисоките и највозвишените богатства на македонскиот и на другите народи во земјата – рече на средбата премиерот и додаде дека научното и литературното дело што Конески го остави зад себе засекогаш ќе ги исполнува со љубов и љубопитство, со постојан интерес за истражување на сегашните и идните поколенија научници, поети и најважно од сè, вљубениците во вистината и литературата.