„Букстар“ е прв фестивал на европската литература во Македонија и веќе четврта година по ред ја употребува книжевноста за да ги објасни феномените на овој век, истовремено избавувајќи ја од стерилниот деветти круг на академскиот третман
Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје најавува две книжевни вечери со богата фестивалска програма на фестивалот на европската литература „Букстар“, кои ќе се одржат денеска и утре во МКЦ. Ексклузивно пред македонската публика ќе бидат претставени делата на шест значајни и наградувани европски автори:
Антон Баев (Бугарија), еден од најзначајните современи бугарски автори;
Михал Ајваз (Чешка), кралот на магичниот реализам; Енес Халиловиќ (Србија), повеќекратно наградуван и преведуван српски автор; Џамал Уаријачи (Холандија), контроверзниот Холанѓанец што пишува за општествените проблеми; Рику Корхонен (Финска), социјално ангажиран писател и колумнист;
Офејгур Сигурдсон (Исланд), лидер на движењето за реконструкција на поезијата во проза.
– Ова е прв фестивал на европската литература во Македонија и веќе четврта година по ред ја употребува книжевноста за да ги објасни феномените на овој век, истовремено избавувајќи ја од стерилниот деветти круг на академскиот третман. Под слоганот „Табу или не?“ оваа година фестивалот ги поставува прашањата што непријатно и тивко се одговараат и разработува општествени и социјални теми по старошколскиот принцип: книжевноста како лек против егзистенцијалните тегоби и социолошките норми – велат од „Антолог“.
Годинашното издание е организирано во соработка со издавачката куќа „Готен“. Вечерва ќе бидат претставени и промовирани тројца нови гости автори. Во киното „Фросина“ со почеток во 19.30 часот прв ќе биде претставен гостинот од Бугарија, Антон Баев, со две книги: романот „Светата крв“ и збирката поезија „Даровите на светот“. Разговор со него и претставување на неговите книги ќе направи Елизабета Шелева. По него ќе бидат промовирани два романа од Михал Ајваз, најзначајниот чешки претставник на магичниот реализам, кој создава светови од светови, светови од зборови, светови од објекти. Неговите дела може да се опишат како литературни фантазии исполнети со симболизам. Ајваз студирал бохемистика и естетика, а моментално е истражувач по филозофија на еден институт во Прага.
Неговите две книги „Празни улици“ и „Луксембуршката градина“ ќе ги промовира Соња Стојменска-Елзесер. Последен гостин на оваа фестивалска вечер е Енес Халиловиќ, српски раскажувач, поет, драмски автор, новинар, економист и правник, кој овој месец е гостин на книжевна резиденција во Скопје. Претставување на неговото творештво и разговор со него ќе направи Владимир Јанковски. Неговиот роман „Ако долго гледаш во понорот“ е потресна и трогателна приказна за распаѓањето на едно сиромашно семејство за време на транзициските периоди.
Следната фестивалска вечер, 20 ноември, е вечер на добитници на Наградата за литература на ЕУ, па пред македонската публика ќе бидат претставени дури тројца автори што се закитиле со оваа престижна книжевна награда. Промоциите од оваа вечер ќе се одржат во Галеријата при МКЦ, со почеток во 19.30 часот. Вечерта ќе почне со претставување на книгата „Глад“ и со разговор со авторот Џамал Уаријачи од промоторот Душко Крстевски. Џамал Уаријачи (1978) е холандски писател, роден во Амстердам, во холандско-мароканска семејна заедница.
Студирал психологија, а неговиот главен литерарен пристап во романите е контроверзијата преку која зборува за современите општествени проблеми. Објавува романи, статии и колумни за голем број водечки медиуми, а автор е и на една третина од холандската книжевна трилогија напишана како одговор на „Педесет нијанси сиво“. По овој настан следува претставување на книгата „Медицински роман“ и разговор со авторот Рику Корхонен од страна на промоторот Владимир Јанковски. Рику Корхонен своето книжевно деби го прави во 2003 година и набрзо се етаблира како еден од централните фински писатели. Вечерта ќе биде затворена со претставување на романот „Сага за Јон“ од Офејгур Сигурдсон, добитник на Награда за литература на ЕУ во 2011 година. Промотор на оваа книга ќе биде Ристо Солунчев. Поетот и прозаист, Офејгур Сигурдсон е роден во Рејкјавик на 2 ноември 1975 година. Има објавено шест поетски збирки и два романи.
– Финалето на фестивалот, односно последниот фестивалски ден, 21 ноември, е резервиран за меѓународниот панел на темата „Креативна Европа – Проекти за книжевни преводи и Европската награда за литература“, кој ќе се одржи во Домот на занаетчиите во Куманово со почеток во 12 часот. На панелот, покрај гостите Џамал Уаријачи и Офејгур Сигурдсон како добитници на наградата, ќе учествуваат и ќе дискутираат уште и Билјана Прентоска (Македонија) и Димитрије Тадиќ (Србија). Настанот е организиран во соработка со Канцеларијата за креативна Европа, потпрограмата Култура на Република Македонија при Министерство за култура на РМ – најавуваат организаторите.
Истиот ден во 13 часот авторот Михал Ајваз ќе гостува на Катедрата за славистика при филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Како и минатите години, сите гости на фестивалот ќе им бидат достапни на читателите за дружење и опуштен муабет во книжарницата на „Антолог“ на т.н. „Книжевно кафе“.