Ревијално прикажување на победниците на „Галичник филм фестивал“ ќе се одржи денеска, од 11 часот, во „Јуроп хаус“ во Скопје, кога бесплатно ќе може да се погледнат наградените филмови.
– „Галичник филм фестивал“, кој се одржа од 5 до 8 август, го разбранува културниот живот летово на еден свој уникатен начин, возобновувајќи ја филмската традиција во Галичник, стара дури еден век. Четири дена филмски проекции на краткометражни филмови и музичка програма на Упија, пред публика од сите генерации, староседелци, но и дојденци што првпат го посетуваат регионот. Се бараше место плус во сместувачките капацитети, со цел фестивалот да се доживее во полн ек. Затоа, во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје организираме ревијално прикажување на дел од наградените филмови – најавуваат организаторите.
На програмата се: „Налепница“, добитник на гран при и на наградата за најдобар актер доделена на Сашко Коцев, „Ана“, најдобар филм на фестивалот, наедно номиниран и на Канскиот фестивал во главната програма, „Заедничка градина“ – најдобра кинематографија, „Кожа“ – најдобра режија, наедно добитник на „оскар“ за краткометражен филм, „Само една смрт до љубовта“ – најдобар анимиран филм, и „Битка“, награден за најдобар документарен филм на „Галичник филм фестивал“, наедно номиниран на ИДФА.
Жирито во состав: Митко Панов, Игор Ангелов и Андреј Волкашин во рамките на фестивалот ги награди и „Собата за писма“ за најдобро сценарио, „Ѕвезда што паѓа“ за најдобра актерка за Маргарита Бушард, а „Дора“ и „Бледиот светец“ добија специјално признание.