Од денеска до 31 декември во тек е најновата изложба на неуморниот уметник и хуманитарец Живко Поповски- Цветин по улица „Македонија“, насловена „Заедно по мироносната македонска цветна патека на мирот и пријателството“.
Станува збор за виртуелна изложба, што подразбира, оние на кои Цветин им подарил цртеж со цвеќе во изминативе децении, во било кое време може да се фотографираат со цртежот на улица „Македонија”, и фотографијата да ја изложат преку социјалните меидуми, како уште една порака за мир од главниот град на нашата земја упатена до сите држави и нации.
– Во услови на пандемија на коронавирусот ова е единствен безбеден начин да се оствари изложбата, а да нема групирања – смета уметникот и наш амбасадор на мирот.
Потоа сите фотографии ќе бидат презентирани на неговата страница на социјалната мрежа Фејсбук.
Изложбата е отворена симболично со цртеж за новинарот Ѓорѓи Ѓоргиевски Ѓе. Ѓе, чија прва книга поезија „Македонијо, гордост моја“ ќе биде промовирана токму на оваа цветна патека, на 19 декември, денот кога се навршуваат 99 години од раѓањето на Блаже Конески.
Во чест на овој настан Ѓоргиевски денес преку социјалните мрежи наизуст рецитираше и поезија од Конески.
Со цветна лента позираше и Лидија Анчевска од книжарница „Култура“.
Мироносна цветна патека на Цветин, наш поранешен кандидат за Нобеловата награда за мир, и рекордер во подарени цртежи со цвеќиња, со уште еден самоиницијативен, но силен индивидуален искрен обид да се апелира за добрососедство, толеранција, успешна дипломатија, мир, почитување и благосостојба. В.Ѓ.