Реализирана програмата во чест на великанот
Во годинава што изминува, Владата ја усвои Националната програма „2021 – година во чест на Блаже Конески“, која е дел и од календарот на важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО. Министерството за култура реализира и видеоматеријал со поезијата на Блаже Конески на шест јазици: македонски, турски, ромски, српски, влашки и босански.
Иницијативата за национална програма за одбележување на капиталното научно и литературно дело на големиот Конески ја започнаа Министерството за култура и Министерството за образование и наука. За меѓународните активности се вклучи и Министерството за надворешни работи, а покровител е претседателот Стево Пендаровски.
– Програмата се реализира во текот на целата година, со активности на повеќе институции, министерства, органи на државната управа, здруженија во земјава и во странство, а средствата беа обезбедени од Министерството за култура, од Министерството за образование и наука и од Агенцијата за спорт и млади. Покрај институционалните форми, делото на Конески на оригинален начин се чува, се негува и се осовременува и низ различни форми на граѓански и образовни институции, кои подготвија алтернативни начини и на современ јазик говореа за темелните вредности на Конески. Стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески се чествуваше и во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, каде што на 21 март, по повод Светскиот ден на поезијата, песни од Конески на своите јазици прочитаа повеќе високи дипломатски претставници во УНЕСКО – велат од Министерството за култура.
Во знакот на оставината на поетот, македонист, академик и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, се одржа и 60-то издание на светски реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“, а беше издадено и монографско издание посветено на Конески.
Беа распишани и конкурсите за ученици од основните училишта, како и за млади автори за создавање дела инспирирани од поезијата на Блаже Конески. Беа промовирани и илустрации создадени на Јавниот конкурс на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, со што студентите оддадоа почит кон поетското наследство на Конески, но дадоа и нова димензија за афирмација на визуелната уметност, преку илустрацијата во издаваштвото.
Во рамките на јубилејот, Народната банка издаде златна кована монета со ликот на Блаже Конески, а поштата издаде поштенска марка со ликот на оваа наша национална гордост. Во оваа јубилејна година настани се одржаа и во неговото родно Небрегово – во спомен-куќата каде што е роден.
Читање „Златоврв“ во НУБ
Утре, со почеток во 11 часот, во холот на НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, ќе се одржи поетско читање посветено на великанот на нашата книжевност Блаже Конески, под наслов „Златоврв“. На средбата ќе настапат: Влада Урошевиќ, Михаил Ренџов, Кристина Николовска, Иван Џепароски, Билјана Станковска, Љубинка Донева, Виолета Танчева-Златева, Славчо Ковилоски, Марина Мијаковска и Соња Стојменска-Елзесер.
Читањето е дел од заеднички настан во организација на НУБ „Климент Охридски“, Друштвото на писатели на Македонија и фондацијата „Небрегово“ и претставува сегмент од програмата „2021 – година во чест на Блаже Конески по повод 100-годишнината од раѓањето“.