Таа е меѓу првите јавни личности што откриле дека биле подложени на операција за промена на полот и меѓу ретките композитори со кои славниот Стенли Кјубрик работел повеќе од еднаш
Венди Карлос e американска трансродова уметница, композиторка, добитничка на „греми“ и пионерка на електронска музика и филмски партитури во 1970-тите години. Студирајќи и работејќи со повеќе музичари и техничари во центарот на електронската музика во градот Колумбија-Принстон, таа помогнала во развојот на синтисајзерот „муг“, првиот комерцијално достапен инструмент на тастатура создаден заедно од неа и Роберт Муг. Но ретко кој слушнал за нејзините достигнувања. Таа е и меѓу првите јавни личности што откриле дека биле подложени на операција за промена на полот во ера кога трансродовата свест сè уште не била во центарот на вниманието.
Венди Карлос, кога сè уште го носела својот машки идентитет како Волтер Карлос, ја компонирала музиката за култниот филм „Пеколен портокал“ на Стенли Кјубрик од 1971 година. Надарената млада инженерка и класична композиторка се школувала на универзитетите „Браун“ и „Колумбија“ пред нејзиниот прв албум да се позиционира на првото место на класичните топ-листи во 1969 година. Тоа бил втор класичен албум што се продал во над милион примероци и бил сертифициран со злато во 1969 година и платина во 1986 година од „Рекординг индустри асосиејшн“ во Америка. Нејзината електронската интерпретација на „Brandenburg Concerto No. 3“ на Бах денес се смета за еден од највлијателните „електронски“ класични записи на сите времиња.
Од мала, Карлос ги комбинирала своите таленти во музиката и физиката. На 10-годишна возраст го напишала својот прв класичен рецитал, а на 14 години ја добила и првата стипендија. На колеџ го запознала Роберт Муг, пионер на раните синтисајзери.
– Венди создава лирски звуци какви што никој претходно не слушнал да излегуваат од дигитален синтисајзер. Никој не е на нејзин ранг – изјавил Муг за печатот во екот на нејзината кариера во 1985 година.
Во текот на годините на универзитетот „Колумбија“ во Њујорк, Карлос првпат започнала да учи за трансродовите прашања и побарала совет од сексологот Хари Бенџамин, денес широко познат во оваа област по својата пионерска работа со транссексуализмот. Една година пред да освои три награди „греми“ во 1969 година, Венди тогаш Валтер, почнала со третмани за замена на хормоните и изгледот. Знаела дека периодот на транзиција е тежок и се плашела од реакциите на луѓето. Во оваа преодна фаза го запознала славниот режисер Стенли Кјубрик и се вброила меѓу ретките композитори со кои Кјубрик работел повеќе од еднаш.
– Стенли Кјубрик не беше лесен човек за работа. Тој беше многу интересен, целосно отворен за сите свои „тајни“ и имаше сурова смисла за хумор. Ми се допаѓаа неговата интелигенција и љубопитност, но знаеше да ме излуди – изјавила Венди кога дознала за неговата смрт.
Во 1978 година, списанието „Плејбој“ објавило интервју со Карлос, во кое таа го открила својот статус на трансродово лице.
Денес кралицата на електронската музика има 81 година и деновите ги поминува во истражување на затемнувањата на Сонцето. Нејзината работа како фотографка е објавена од НАСА и таа продолжува да го користи своето искуство од физиката во развивање различни техники во фотографијата. Приказната на Венди Карлос покажува дека полот не треба да дефинира кои сме. Таа се потпирала на својата уметност, интелигенција, вештина и посветеност за да стигне таму каде што сакала во животот и сето тоа го сторила со достоинство.