Заврши второто издание на фестивалот на алтернативна фотографија
Иако постои само две години, фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“ со својот сериозен пристап, големата посветеност и специфичното поле на работа – благородните фотографски техники, до скоро непознати кај нас и за оние што се занимаваат со фотографија, годинава направи сериозен исчекор во квантитетот и во квалитетот на содржините што ѝ ги понуди на публиката. Активностите почнаа со две изложби во јуни, во „Мала станица“ беа претставени современи, модерни дела од сите седум континенти, испратени на отворен повик и жирирани од осумчлено меѓународно жири, а потоа во КИЦ-Скопје беа претставени две големи имиња на современата аналогна фотографија, најнаградуваниот шпански фотограф Жосеф Мариа Рибас Прус од Барселона и Дамиан Диаконеску од Темишвар.
Во соработка со „Арт колонијата Де Ниро“ во селото Цапари, Битолско се одржаа работилници за благородни фотографски процеси, а во соработка со КИЦ-Битола, во Офицерскиот дом – Битола се отвори изложбата на делата пристигнати на отворениот повик, како и избор на триесетина алтернативни фотографии од фотоклубот „Ирис“ од Темишвар.
– Со невидена енергија и ентузијазам учесниците работеа, соработуваа, комбинираа техники, твореа, готвеа заедно, споделуваа приказни, инспирирани од чистината на Пелистер, Цапари, од откритијата во за нив новото културно опкружување. Во текот на сите седум дена, фотографијата беше честа тема на разговор. Се разменуваа совети, сознанија, увиди. Во неформална атмосфера беше прикажан и документарниот филм „Трансуманта“ на Дамиан Диаконеску, гостин ментор на работилниците – додаваат од „Зрно“.
Целта на годинашното издание беше да се подигне квалитетот на делата што ќе настануваат на работилниците и фестивалот да поттикне соработка на европско ниво, што во секој поглед беше постигнато – најголемиот дел од учесниците беа од Европа, од Осло до Атина.
– Водени од мотивот да се направат врски меѓу локалната заедница и учесниците беше организиран отворен ден, каде што сите заинтересирани можеа да ги посетат работилниците и да погледнат како се работи на секоја специфична техника, да се обидат и самите да креираат нешто со помош на упатените учесници или ментори на работилниците. Тој ден гостите се запознаа со Битола, нејзините клучни знаменитости, особено нејзиното фотографско наследство, кое им остави силен впечаток. Вечерта беше прикажан филмот „Манаки, приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски, кој потоа одржа предавање за старата македонска фотографија. На крајот, гостинот од Атина, Грција, Тасос Пападопулос, одржа кратка презентација на тоа како се гледало и како се гледа на браќата Манаки во грчкото општество – истакнаа од „Зрно“.
Фестивалските активности завршуваат со издавање каталог. С.Ј.