СТАВ НА ДЛУМ

Односот на ликовните уметници и ликовната критика е слоевит и со длабока онтолошка поврзаност. Ликовната критика игра клучна улога во уметничкиот свет и претставува толкувач, оценувач и комуникатор на уметничкото изразување, во постојана интензивна релација со уметниците, уметничките дела, стручната јавност и публиката. Нејзината важност и значење може да се разберат преку повеќе аспекти, кои го прават овој однос иманентен за креирање квалитетна уметничка и културна сцена. Ликовната критика обезбедува проникливи толкувања и анализи на уметничките дела, нивна контекстуализација во пошироки историски, културни и социјални рамки, со што претставува вредни сознанија за развојот и прогресијата на уметноста во актуелниот момент, како и видена низ различен временски дискурс. Активностите на ликовните критичари се неопходни во процесите на оценување на квалитетот, иновативноста и значењето на уметничките дела – со својата објективност и непристрасност овозможуваат професионален раст на уметниците, поттик тие да ги предизвикуваат конвенциите и да ги поместат границите на визуелното изразување. Конструктивната критика од упатените критичари може да ги води уметниците во нивните креативни потфати и да придонесе за еволуцијата на уметничките движења.
Од позиција на ликовни уметници најдиректно инволвирани во секојдневното промислување на визуелната крeaција во различни медиуми, со задоволство можеме да истакнеме дека растевме и сѐ уште учиме од делата на бардовите на македонска ликовна критика, како и од помладите автори (Петковски, Величковски, Абаџиева-Димитрова, Теодосиевски, Васева-Димеска, Вилиќ, Петровски, Алексиев, Милевска, Гаќина, Чанкуловска, Јанчевски и други). Нивните анализи, рецензии и препораки континуирано активно влијаат на јавната перцепција и го поддржуваат растот на уметничките таленти и иновации, видливоста и препознатливоста во уметничката заедница. Длабоката аналитичност во текстовите служи како едукативен материјал кој ги води како ликовните уметници, така и публиката низ комплексноста на визуелната уметност. Оттука, со радост ја очекуваме секоја ликовна критика, која иако не е секогаш каква што посакуваме, секогаш е релевантна, ако е базирана на аргументи. Во овој текст сакаме да се осврнеме не само на значењето на квалитетната критика туку уште повеќе на опасноста од површното лично толкување, без наведени докази, пласирана во јавност. Иако во потполност ја отфрламе цензурата на авторските текстови и веруваме во слобода на изразувањето, се чувствуваме повикани да ја информираме професионалната јавност за одредени сегменти.

Биеналната изложба „Зимски салон“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија е традиционално една од најзначајните групни изложби, која претставува селекција на визуелна продукција на тема одредена од интернационален куратор. Историски гледано, оваа изложба е клучна во однос на смелите уметнички дебати и поставки со кои се потврдува улогата на визуелните поставки како рефлексија на општеството, со независност што служи како платформа за експериментирање и предизвикување на постојните конвенции во потрага по нови идеологии и начини на израз. Групните изложби се особено значајни како од аспект на ликовната публика (за нивото и квалитетот на изложените дела, стилските карактеристики и позиционираноста во дефинираниот контекст), така и за ликовните критичари (претходно наведеното и за анализа на концепциските стандарди на селекторот или кураторот на изложбата) и ликовните уметници (за процена на сугестивноста и местото на сопствениот ликовен израз и сензибилитет во релација со останатите дела). Оваа 2024 година, селекторката од Украина/Франција, Оксана Карповец, го претстави својот концепт и критериуми како во селекција на делата кои се изложени во Националната галерија, објект „Чифте-амам“, така и во избор на лауреатот на „Зимски салон 2024“ – Тања Балаќ. На отворањето на изложбата таа истакна дека оценувањето и вреднувањето се направени врз основа на соодветноста на делата со поставената тема и со нивната релевантност во однос на интензитетот на уметничкиот израз и медиум на реализација.
Без претензија овој текст да биде уметничка критика, туку само презентација на јасните концепциски и стилски карактеристики, почитувајќи го форматот на оваа публикација, водејќи се од насоките на Вилиќ (2021) и Шуваковиќ (2022) за идеологијата на современите изложби, може да потврдиме дека галериската поставка на Карповец се карактеризира со дистинкција на неколку концепциски целини. Тие го актуализираат концептот на „Интимност и меѓусебна поврзаност“ преку карактеристиките на современaта ликовно-критичка мисла, со што ја потврдуваат својата актуелност: потреба да се оживее моќта на видливото и иконичното од владеењето на логоцентризмот (Паиќ, 2021) во сензитивните и сугестивни дела на Спасова, А., Луловска, Ј., Јакимовска, Ј., Кировска, М., Ивановска, А., Вчкова, А., Цветковиќ, М., Ајваз, О.; Озборновиот (2010) „постконцептуален“ карактер на современата уметност јасно презентиран во ракописите на Паскали, И., Манева-Чупоска, Ј., Петрушевска, И., Зафировска, Х.; дела што кореспондираат со поетското евоцирање на „современоста“ на Агамбен (2004) „во вистинската коинциденција на асинхрони темпоралности“ Тенева, Д., Мицова-Гацова, М., Смилков, Н., Клочко, М. Татаренко. A., Петељук, С., Рауник Кирков, М., Милошевски, С.; Преферирањето на Карклини (2014) за „поставтономна“ уметност, која го доловува светот доминантно преку концепти, наместо преку објекти, со дистанцата од потреба за референтност во директна форма презентирана кај авторите: Цветаноска-Мартиноска, М., Трајковска, А., Китановска, А., Зубери Али, З., Илијевска, В.; изложените ликовни дела на: Томиќ Радевска, Д., Петровски, С., Мехмети, Ш., Саздовска-Апостолска, П., Чепишева М., Јакимовски, С., Добревска М., длабоко кореспондираат со ставовите на Жан-Филип Антоан (2013) дека визуелните претстави во основа ја имаат социјалната конструкција на меморијата како контрапункт на „презентистичката иманенција која се стреми да опфати сè“ презентирано и од Тонкин, Н., Јанковска, Н., Манев, К., Таневска, С.
Навистина нѐ израдува фактот што имавме можност да го прочитаме текстот со наслов „Зимскиот салон – изобилство од херметички третирани ликовни медиуми“ од Натали Рајчиновска-Павлеска, објавен во весникот „Нова Македонија“ на 27.3.2024 година. Сакаме да потенцираме дека нашиот став како здружение е и во иднина да ги охрабриме сите компетентни ликовни критичари да ги следат нашите изложби и да покажат став, рецензија, мислење.

ДЛУМ нема никаков проблем со каква било критика, па дури и да е негативна, како што е критиката на почитуваната Рајчиновска-Павлеска. Нашите забелешки кон нејзиниот текст се во насока на низа недоследности. Прво, повеќе од симптоматично е што во наведената рецензија не се споменува ниту збор за лауреатот на „Зимски салон 2024“, Тања Балаќ, за чие видео самата авторка на рецензијата има напишано текст како предговор-анализа на истото наградено видео. Нелогично и неконзистентно е што од една страна се дискредитира селекторот и квалитетот на неговата ликовна поставка, а од друга страна фактите покажуваат дека нејзините критериуми повеќе од очигледно се поклопуваат со селекцијата на Карповец, со што доследноста како основа на секоја анализа е длабоко суспектна во наведениот текст, а со тоа и неговиот кредибилитет. Исто така, во рецензијата авторката забележува дека во придружниот текст на самата изложба се само хронолошки и таксативно набројани сите претходно одржани „Зимски салони“ на ДЛУМ. Според неа, тоа не било доволно бидејќи „она што недостига во ова таксативно набројување, а се потврдува и со визуелниот впечаток од изложеното – е континуитетот на авторството, и уште повеќе – континуитетот на промените во уметноста што ги донеле ликовните дела претставувани во рамките на оваа манифестација“. Ние сметаме дека грижата за континуитетот на авторството не е работа на ДЛУМ како здружение туку, напротив, континуитетот на авторството и сите промени во уметноста што ги донеле или не ги донеле самите ликовни дела како творечки опус на македонските уметници, ги проследуваат/анализираат/толкуваат историчарите на уметност. Во рецензијата, авторката наведува дека ангажираноста на кураторката Оксана Карповец била „под знак прашалник“. Според неа, „дел од уметниците се чини дека се занимаваат или, пак, тешко ги совладуваат чисто академските проблематики, како што е решавање на композицијата, структурата на делото, техниката“. Ние сметаме дека се работи за несмасен и претенциозен обид на авторката на рецензијата само површно да дискредитира меѓународно признаен куратор и голем професионалец како што е Оксана Карповец. Истовремено, тоа е и обид за дискредитација на членството на ДЛУМ преку емотивно набиени општи фрази кои немаат за цел некого сериозно да убедат во изнесените забелешки.
Во текстот на рецензијата е спомената и Викторија Васева-Димеска, нашата еминентна и почитувана историчарка на уметност, со богата професионална биографија и безброј валидни уметнички критики. На самото отворање на споменатата изложба, Васева-Димеска јавно го манифестираше својот став дека на ДЛУМ му треба/ла поддршка во сите фази од неговото постоење. Потенцираше дека сите ние заедно треба да креираме вистински ликовни вредности и нагласи дека комуникацијата меѓу ликовниот уметник и историчарот на уметност е од особена важност за ликовната сцена. Оттаму, ставовите изнесени во споменатата „рецензија“, наведени уште во насловот („херметички третирани ликовни медиуми“), според нас, претставуваат однапред негативно интониран/индоктриниран став кон ДЛУМ, кој очигледно провејува низ целиот текст. Авторката во продолжение вели дека „имајќи ги предвид активностите, претставувањата, сигурноста и самоувереноста во настапите на Друштвото веќе подолго време, не само изминативе неколку години, се потврдува дека тоа не се ни обидува да ги помести границите на автомаргинализирачката естетика негувана преку херметичките насловености и концепциски автоизолирачки проекции на изложбите – далеку од прогресивни, дури и ако се земе предвид т.н. селекција…“! Се прашуваме – а какви треба да бидеме, според авторката на рецензијата, во страв и грч и комплетно несигурни во тоа што го правиме, а говориме за ДЛУМ, здружение со толкава културна/ликовна меморија!? ДЛУМ се обидува првенствено да го закрепне членството, да ги врати сите долгови што некој предходно ги направил (се прашуваме како никој за тоа досега не напиша ниту збор). Понатаму – ДЛУМ конечно да се вдоми по 77 години постоење, целосно да го врати своето членство, преку квалитетни изложби и релевантни уметнички концепти, преку сите програмски изложби на ДЛУМ. Се обидуваме концепциски да организираме изложби што се прогресивни и секогаш сме отворени да соработуваме со куратори, како македонски така и од странство, професионалци чија цел е да му дадат поддршка на ДЛУМ како сериозен општествен субјект кој зад себе ја има бројката 77. Во текстот се споменува и Здружението на ликовни уметници на Србија и авторката ги споредува македонските и српските уметници.

Ние сметаме дека нема никаква потреба од такви компарации, особено затоа што ДЛУМ има други приоритети во моментов, а тоа е конечно да застане на нозе за да може да се погрижи и за другите аспекти од особена важност за едно здружение: статусот на ликовниот уметник, неговите права како автор и многу други работи. Самоувереноста во настапот на авторката на текстот и избегнувањето на соработката со ДЛУМ е очигледна, но сметаме дека површната оцена за „Зимскиот салон“ на ДЛУМ тешко може да се нарече рецензија бидејќи авторката дава само општа слика за изложбата, без особен аналитички пристап кон изложените дела како што ѝ прилега на една сериозна рецензија. Сепак, сметаме дека имаме заедничка цел – критички став преку истакнување, потенцирање и забележување на креативните творечки потенцијали на членовите на ДЛУМ. ДЛУМ секогаш ќе остане отворен за постојана соработка, аргументирани дебати и рецензии базирани на докази, критичка и теоретска мисла која ја поттикнува авторефлексијата кај ликовните уметници и овозможува преиспитување на сопствените ставови за комуникативноста на сопственото дело во релација со јавноста. Се надеваме дека заеднички, со квалитетни согледувања ќе ја поттикнуваме интелектуалната љубопитност и активно учество во уметничките форми на израз, поддржувајќи на тој начин квалитетно информирано и ангажирано општество.

Јана Манева-Чупоска, претседателка на ДЛУМ Маја Рауник Кирков, претседателка на Уметнички совет на ДЛУМ