Весна Мојсова-Чепишевска, приредувачка на новата антологија на младата македонска поезија

Книгата „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, која ја приредија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, a во издание на „ПНВ публикации“, ќе биде промовирана утре во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, во рамките на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“ и во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик.

Во антологијата се застапени 42 млади поети и поетеси родени од 1991 година, па наваму. Ќе можете да прочитате песни од: Калиа Димитрова, Михајло Свидерски, Павлина Атанасова, Моника Стојановска, Андреј Ал-Асади, Ива Дамјановски, Диме Данов, Исток Улчар, Ивана Јовановска, Андреј Медиќ Лазаревски, Викторија Ангеловска, Марија Велинова, Иван Николов, Стефан Костоски, Марија Грубор…

Антологијата ќе биде претставена и на претстојните „Струшки вечери на поезијата“ и на „Скопскиот поетски фестивал“.

Непишано правило во македонската литература е најмладите поети, па дури и не толку младите, да бидат ставени на маргините, зошто е тоа така?
– Најискрено, немам таков впечаток. Можеби ова чувство доаѓа од позиција на самите млади, но јас не мислам дека се невидливи и недоволно вредни. Впрочем, дека се битни покажува и мојот постојан интерес за нив. Јас сум секојдневно со своите студенти. Некои од тие студенти стануваат и поети, автори. И така некогашните студенти потоа ги следам и како поети, автори. Ги читам. Ги читам уште додека се необелоденети, необјавени… Некои од нив стануваат и референтни точки на новата македонска култура. А потврда дека (ми) се битни сум покажала и преку двете антологии на кои работевме заедно со Иван Антоновски (кој исто така е дел од младите поети, автори). Можеби тоа чувство доаѓа и заради фактот дека животот и поезијата и песната се пред нив, пред младите, додека повозрасните веќе имаат доволно и километри и денови поминати и стихови и тонови напишани и испеани. Не мислам дека некој од некого се плаши. Дури и немам чувство дека си се конкурентни. Напротив, можеби си пркосат, но и се надополнуваат. А тоа надополнување се покажува и преку нашата заедничка работа со Иван Антоновски и на првата антологија „Ветерот носи убаво време“, па и на најновата, „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“.

А минатата, 2022 година, кога се навршија 70 години од објавувањето на првата поетска книга со исповеден тон напишана на македонски литературен јазик „Стихови за маката и радоста“ од Ацо Шопов, но и 40 години од неговото прерано физичко заминување, измина и точно една деценија од објавувањето на антологијата „Ветерот носи убаво време“ (Скопје: Матица македонска, 2012). Со неа, се претстави дотогаш највредното од тогашната најмлада македонска поезија и проза и тоа од авторите родени во периодот од 1980. до 1990 година. А нејзиниот наслов воопшто не беше случаен. Тој не само што го симболизира она што се веруваше дека ќе се постигне со таа антологија, туку и беше позајмен од творештвото на Шопов. Нели, токму така се викаше и неговата поетска книга од 1957 – „Ветрот носи убаво време“? И јас имам чувство дека младите поети се како пролетен ветер и скоро секогаш носат убаво време.
Кога работевме на таа антологиоја не ни помислувавме каков одѕив ќе има „Ветерот носи убаво време“. Не мислевме дека таа ќе израсне во вистинско сведоштво за тоа дека македонската книжевност веќе не мора да совладува со забрзано темпо цели книжевни правци и школи за да не заостанува зад европските и светските книжевни текови, како што мораше некогаш. Кога во тоа време се споија мојата книжевна, но и универзитетска зрелост и неговата младост, младоста на Иван Антоновски, нѐ водеше мислата дека на македонскиот културен простор му е неопходно оформување на вистинска книжевна сцена. Сцена што ќе ги чува традиционалните и вистински ќе ги промовира новите вредности, сцена во која ќе постои доволно голем простор за иновативни претставувања на книжевните постигнувања. Сцена во која книжевните манифестации ќе треба да задоволуваат високи критериуми со својата содржина, а не само да задоволуваат одредена форма, сцена во која уметничката димензија на книжевното дело постојано ќе биде издигната на вистински пиедестал, а не само повремено и поводно, сцена во која ќе доминира активна и продуктивна, книжевна и критичка гласност… И таква сцена веќе имаме.
А, исклучително беше чувството кога сфативме дека таа 2012 беше по многу нешта битна година, година на три големи јубилеи – 65 години од формирањето на Друштвото на писателите на Македонија, 60 години од објавувањето на првата македонска стихозбирка со исповеден тон, „Стихови за маката и радоста“ од Ацо Шопов, која ја поттикна големата книжевна конфронтација меѓу интимистите и реалистите, и 60 години од објавувањето на првиот роман на македонски стандарден јазик „Село зад седумте јасени“ од Славко Јаневски. Но, да се потсетиме и на ова: дека во 1947 година, пет од осумтемина основачи на најстарата асоцијација на македонските писатели ја живееја третата деценија од својот живот, Ацо Шопов имаше дваесет и четири, Коле Чашуле и Блаже Конески, кој беше и прв претседател на ДПМ, имаа по дваесет и шест, а Владо Малески и основоположникот на македонската литературна критика, Димитар Митрев, по дваесет и осум години. Со други зборови, тие имаа исто или приближно онолку години колку што имаа авторите чии поетски и прозни текстови се вдомија во антологијата „Ветерот носи убаво време“. Толку некаде имаат и авторите што се дел од најновата антологија „Ново раѓање на зборот“.

Вие, можеби, сте првите што им давате посебни место и признание во печатена верзија на најмладите автори. Зошто е нивниот глас посебно важен?

Минатата година во ноември, во КИЦ, се одржа трибината 10 години по „Ветерот носи убаво време“ и таму во една преубава атмосфера се споија поети, енергии од антологијата од 2012 и од онаа, од таа гледна точка, идна антологија, која сега е сегашност и носи исто така симболично име повторно врзано со творештвото на Шопов. И се сеќавам дека нешто вакво кажав, прашав: Нели е време за некоја нова антологија? И во таа 2022, помислив дека, тогаш во наредната, а сега нашата 2023, кога се навршуваат точно 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, повторно некој наслов од негова збирка така добро ќе легне како наслов за некоја нова антологија. Па по „Ветерот носи убаво време“, да ни се случи и едно ново „Раѓање на зборот“. Или таму каде завршува „Ветерот… “, таму да се надоврзе некое „Ново раѓање… “
И еве сме пред новата антологија. И тоа исполнета со поетското творештво на авторите родени од 1991 година наваму. Четириесет и двајца! Значи тоа што посакавме минатата, (ни) се случи/случува оваа година. Но, за да се оствари објавувањето на оваа антологија, значајно е што зад неа како издавачки проект застана издавачката куќа „ПНВ публикации“. Таа во изминативе неколку години го има водечкото место во објавувањето поетски книги од млади македонски автори, вклучително и дебитантски. Всушност, „ПНВ публикации“, во последниве неколку години, како издавач ја има улогата што претходно, во првата деценија и во првите години од втората деценија на овој век, во македонскиот книжевен простор, во однос на промоцијата на новите поетски гласови ја имаа издавачките куќи „Антолог“ и „Темплум“, па затоа и не мал дел од авторите застапени во оваа антологија имаат и објавени поетски книги во издание на „ПНВ публикации“.
А генерално, секој нов глас е посебен. Такви посебни беа и оние во 2012! Ама, таа антологија си го отслужи своето и факт е дека доаѓаат/дојдоа некои нови „клинци“. А оваа нова антологија некако мораше да се случи токму во годината во чест на Шопов, затоа што од една страна не само потребно, ами и нужно е веќе во македонската културна стварност да се валоризира и критички да се согледа и опсервира она што е нова вредност на македонската современа поезија остварена од нови поетски гласови. Ама од друга страна и заради достојното чествување на делото на Шопов, кој важи за еден од најголемите поддржувачи на младите автори во периодот на педесеттите, шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век – и како поет, и како културен деец воопшто, вклучително и преку издаваштвото и преку уредништвото во периодиката.

 

И генијални, но и неталентирани, кој е најдобриот пристап за да им се воочи на младите автори дека има уште за работа, а притоа да не се обесхрабрат?
– Времето ќе покаже колку навистина од нив се генијални и колкумина се неталентирани. Зашто и во оваа антологија има веќе имиња зад кои стојат одредени валоризации. Некои од нив веќе и имаат добиено или веќе беа во потесен избор и за престижни книжевни награди (така, Ива Дамјановски е досега најмлад добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“, а Андреј ал-Асади и Павлина Атанасова со свои поетски книги беа во потесниот избор за истата награда). Учествуваат на меѓународни поетски фестивали, застапени се во антологии, настапуваат на иста сцена и со автори што се дел од нивната задолжителна или слободна лектира… Што се однесува до тоа како да се најде најдобриот пристап за да им се воочи дека има уште за работа, а притоа да не се обесхрабрат, искрено, мислам дека нема некоја формула. И ова е двонасочно. Пред сè треба да се читаат, да се читаме. Треба отворено да си кажуваме, да им кажуваме. Но, исто така, треба и да се слушаме. Најискрено, многу сакам да разговарам со нив, да го разберам нивниот светоглед, да видам зошто се истовремено и гневни и апатични, да видам кои се нивните проблеми, кои теми им тежат, што ги инспирира. Јас сакам, ама не знам дали тие сакаат да разговараат со мене, со нас возрасните.

Кога би живееле во совршено општество, каков би требало да е третманот на оние што се навистина добри и квалитетни млади автори?
– Прашање е дали и најголемите автори имале некој посебен третман? Или голем број од нив биле на работ на егзистенцијата? Зборувам генерално! Зашто кога би живееле во совршено општество, дали би имале потреба од творештво, дали би имале порив да пишуваме, да твориме? Дали би имале потреба да го менуваме светот? Кога работевме на изборот и пред 11 години и оваа година, во едно бевме сигурни, дека сите триесет и петмина од „Ветерот носи убаво време“ и сите четириесет и двајца од „Ново раѓање на зборот“ што ги запоседнаа страниците на двете антологии потврдуваа, а најголем дел од нив и сѐ уште потврдуваат, дека книгите сè уште можат да бидат една од ретките форми на среќа што ние, смртните, ги имаме. Така, на сите тие избрани автори книгите навистина им предизвикуваат таква среќа. И тогаш, па и сега, повеќето трескавично се борат за местото на книгата во денешниов живот, но и трескавично се залагаат за самиот чин на пишување. И ако ова е тоа што ги води во животот, тогаш ќе продолжат да творат.

Ацо Шопов еднаш го „роди зборот“. Може ли секоја генерација одново да го раѓа зборот?
– При подготовката на оваа антологија, постојано се запрашувавме дали насловот е соодветен, дали навистина во нашиот книжевен простор преку поезијата се случува ново раѓање на зборот? И се изненадивме кога воочивме дека новите поетики во современата македонска поезија водат до ново раѓање на зборот. Но, она што е особено интересно е дека тоа ново раѓање на зборот не се дистанцира од традицијата. Напротив. Со стапнувањето на книжевната сцена на авторите родени во 1980-тите години се чувствуваше задушеност од постмодернистичките технички и својства, колажи и палимпсести, ама во исто време и потреба кај еден дел од авторите да се избега од традицијата и да се експериментира со поетскиот израз, со јазикот на секојдневието и со сликата од секојдневието врамена со нов поетски дискурс. Ама сега добар дел од овие автори родени од 1991 година наваму како да чувствуваат задушеност од дистанцирањето од традицијата, но и од експериментот (иако некои од нив и дебитираа со таква поетика). Затоа кај нив е изразена потребата за враќање кон некои традиционални форми на стихотворење што ги има во творештвата на нивни претходници особено од периодот до зрелиот модернизам во нашиот книжевен простор. Но, од друга страна, не може да не се обележи дека меѓу овие автори родени од 1991 година наваму има и такви (сепак, не многубројни) што не се дотолку приврзаници на навраќањето и кон некои канонски поетички решенија, туку своето ново раѓање на зборот го остваруваат преку поинаков, можеби и поекспериментален дискурс, ама, сепак, различно отколку авторите што дебитираа пред нив, во првата деценија и во првите години на втората деценија на овој век. Трети, пак, трагајќи по својот поетски израз – по оној во кој ќе се најсвои, во досега објавеното се потврдиле и преку едниот и преку другиот модалитет, ама токму со забележливо настојување за ново раѓање на зборот… Само времето ќе покаже дали навистина на македонската книжевна сцена се случува/се случило ново раѓање на зборот.