Изложбата на слики „Моите соништа на монументални платна“ од академскиот уметник Кирил Гегоски – Гегата, синоќа беше отворена во Ликовната галерија од ЦК„Марко Цепенков” во Прилеп.
Уметникот се претставува со две големи платна и повеќе студии акрил на платно создавајќи кохерентна ликовна целина.
Викторија Димеска, историчар на уметност, посочи дека Гегоски создал нови апстрактно асоцијативни конотации и донесува нова концептуална свежина.
-Со промислено и внимателно распоредување на асиметричните форми уметникот создал хармонични и обединети композиции. Вметнувајќи ги кривите и динамични линии ја разигрува конструкцијата и ги дефинира асоцијативните форми. Со вибрантната колоритна звучност и тонската одѕвонувачка чистина Гегоски го поедноставил сложениот катактер на материјата и ја усовршил функцијата на бојата – рече Димеска.
Кирил Гегоски, годинашен добитник на наградата за животно дело на Прилеп, во текот на својата богата творечка кариера има реализирано над 23 самостојни и над 30 групни изложби во земјата и странство. Учествувал на многу домашни и интернационални сликарски колонии, а за своето творештво е многукратно наградуван.
Ка.М.