Ексклузивно
Идејата за организирање на овој фестивал долго тлееше во мене и го чекаше вистинското време да се реализира. Целта е да продолжат да живеат песните на Тоше Проески, и новите генерациии да ги пејат, а истовремено да успееме да им дадеме една друга димензија. Воедно, секој пејач ќе даде свој печат, а ќе се пејат, секако во живо, на јазикот на кој се снимени. Ќе има учесници од Македонија, од цела екс Југославија, од Украина, Русија, Израел…, вели Марјан Катароски
Марјан Катароски, промотор на македонски таленти во светот, организатор на музички фестивали во земјава и актуелен директор на Светската асоцијација на фестивали, години наназад со својот ангажман го носи светот во Македонија, но и на нашите млади артисти им овозможува да покажат во меѓународни рамки, што се знаат и умеат, па и да освојуваат највисоки награди.
Една од младите ѕвезди на кои Катароски своевремено и даде шанса е легендата Тоше Проески, на кого тој му овозможи да настапи на еден од најголемите фестивали во светот – „Славјански базар“ што се одржува во Белорусија. Тоше се покажа во најдобро светло и освои „Гран при“ во 2000 година со песната „Тајно моја“. По неколку години неговиот успех го повтори Боби Мојсовски.
Она што во моментот го преокупира Марјан Катароски е подготовката на нешто уникатно и ново, што ќе ги разбранува емоциите кај публиката. Тоа е фестивал што е насловен „Песните на Тоше“, што ќе се одржи на 11 и 12 октомрви во Националаната опера и балет во Скопје.
Како дојдовте на идеја да организрате еден ваков фестивал?
– Идејата за организирање на овој фестивал долго тлееше во мене и го чекаше вистинското време да се реализира. Целта е да продолжат да живеат песните на Тоше Проески, и новите генерациии да ги пејат, а истовремено да успееме да им дадеме една друга димензија. Воедно, секој пејач ќе даде свој печат, а ќе се пејат, секако во живо, на јазикот на кој се снимени. Ќе има учесници од Македонија, од цела екс Југославија, од Израел, Украина, Русија… Едно слепо девојче од Одеса ќе пее на чист македонски јазик песна од репертоарот на Проески. Очекувам од година во година фестивалот да расте.
Членови на жирито кое ќе ги оценува настапите на учесниците се членовите на бендот на Тоше, кои го прудружуваа на неговите концерти.
– Музичарите кои секаде го следеа Тоше Проески од првата вечер, ќе ги изберат најдобрите дваесетина учесници што ќе настапат утредента, на гала вечерта. Во публиката ќе има многу гости, секако и членови на неговото семејството, со кои прво разговарав за овој проект.
Јас сум директор на фестивалот, што ќе го снима и емитува директно МРТ, а зад мене е голема, професионална екипа. Верувам дека сите заедно ќе направиме еден до најубавите настани што се одржал кај нас и низ песните ќе ја раскажеме и приказната за животот на нашиот Тоше Проески.
Како се чувствувате сега кога веќе се при крај подготвките околу првото издание на фестивалот?
– Се чуствувам убаво, исполнето. Се околу и во врска со овој проект има добра енергија, поддршка, па затоа верувам ќе направиме нешто што ќе остане.
Се сеќавате ли на првата средба со Проески?
– Се разбира. Пред многу години организирав еден избор на „Зимска убавица“ во хотелот „Монтана“ во Крушево, а на сите манифестации што се одржуваа таму ми свиреше групата „Крушево 903“. Една вечер лидерот на бендот ми го претстави Тоше, кој тогаш беше момче од околу 15,16 години. Се запознавме, беше многу повлечен, скромен, а кога го слушнав како пее останав без брор. Повеќе од очигледно беше дека е премногу талентиран, тоа и го докажа со освојувањето на „гран при“ на „Славјански базар“, Белорусија во 2000. година. Последен пат се видовме во МКЦ, пред да замине на неговото, за жал, последно патување, требаше да дојде да се видиме во Прилеп, па и да ни биде гостин на фестивалот „Ѕвездички“. Но, ми се јави за да се извини дека нема да може да дојде бидејќи утредента заминува за Хрватска. Утредента рано со гостинката од Украина патувавме со автомобил до Преспа, преку Галичица и ја слушнавме тажната вест на радио. Застанав, бев шокиран, тоа беше толку ненадејно. За жал Тоше најголемите почести ги доби откако почина, а тоа требаше да се случи додека беше жив. Но со музички настани како што е фестивалот „Песните на Тоше“ овие вонвременски мелодии уште долго ќе се слушаат….