Вечерва со големо исчекување љубителите на театарот во Кавадарци ја очекуваат премиерата на комедијата „Покондирена тиква“ една од најпознатите комедии на српскиот комедиограф Јован Стерие Поповиќ во режија на Микица Илова. Премиерата започнува во 19.30 часот во домот на културата „Иван Мазов Климе“ а е дел од манифестацијата „Кавадаречка културна есен 2022“.
Главниот лик во комедијата „Покондирена тиква“ и е доверен на младата Ивана Данова додека во останатите улоги ќе ги гледаме : Ангела Василевска, Диме Боцев, Јована Секуловска, Александар Малинков, Сашко Орешков, Диме Коцевски и Валерија Пашова. За прекрасните костими кои ќе не пренесат во 19 век се погрижи Сара Милевска, музиката и светлото се на Пепи Ангелов и Марјан Тодоровски а сценографијата ја изготви Диме Темков.
Иако овој драмски текст на првиот српски комедиограф Јован Стерие Поповиќ е напишан пред цели 190 години и доработен и објавен далечната 1837 година тој е многу актуелен и во денешно време во кое се изместени вистинските човечки вредности кога се почесто на вистинските места имаме погрешни луѓе со несоодветно образование или купени дипломи. Оваа е комедија на карактери во која авторот Јован Стерие Поповиќ ги изнесува маните на своите современици исмејувајќи ги на многу духовит начин малограѓанштината, скржавоста, примитивизмот и помодарството и на тој начин го отсликува своето современо општество. Претставата всушност нема вистинско дејство, класичен вовед, заплет, кулминација и расплет. Се се врти околу главниот лик госпоѓицата Феме која е всушност себична, горда, арогантна према другите, необразована и која заради своето однесување на крајот доживува срамота и понижување. Овој голем предизвик за режисерката Микица Илова изминативе месеци го предизвика љубопитството на љубителите на театарот кои со нетрепение очекуваат да ја видат претставата и актерската игра на главната улога која ја толкува младата актерка Ивана Данова заедно со докажаните имиња на актерите од кавадаречкиот театар.
М.M.