„Љубов во топка“ е најновата седма книга на Ана Јовковска, нејзина втора илустрирана книга за деца, повторно во издание на „Едиција светулка“. Промоцијата е закажана за 11 април, во 19 часот, во културниот центар „Јадро“.
Илустрациите се на Иванка НиБа. Промотор е Владимир Мартиновски. Тоа е интерактивна илустрирана книга за деца од претшколска и раноучилишна возраст што го обработува проблемот на врсничкото насилство.
Овој пат ја стуткавте љубовта во една „необична топка“. Во каков свет ги носите децата, па и возрасните со „Љубов во топка“?
– Би сакала да ги однесам во светот на имагинацијата и светот на фанатазијата каде што со една топка, малку љубов и еден силен глас може да се реши секој проблем што го притиска кревкото детско срце. Литературата е убава кога може да нè зајакнува. Реалноста, за жал, не секогаш се бои во розова боја со една четка на книжевното или уметничкото перо.
Врсничкото насилство, за жал, постојано е актуелна тема, дали оваа приказна има отрезнувачка мисија да допре онаму кај што треба?
– Со секоја приказна и со секоја иницијатива со која се отвора ова горливо прашање на современото општество ние сме чекор поблиску до решение. Има работи за кои не смее да се молчи. Кругот на насилството е една од нив! Врсничкото насилство е комплексен проблем што не смее да се турка под чергиче и да се остави да се реши само од себе. Ние, сите, мора да бидеме гласни за секое дете што минало или минува низ каков било вид насилство, психолошко, вербално, физичко… Она што јас како авторка можам е да направам простор гласно да се зборува, во исто време додека со мојата книга ќе влезам во некоја детска соба меѓу родителот и детето, каде што се тихува за некоја емоција. Литературата за деца може да биде спасувачки појас за некого. Книгите имаат моќ да поттикнуваат разговор и да ги буричкаат емоциите.
Каква задача има оваа книга?
– На делата однапред не им давам задача, но себеси си давам одговорност да разработам некоја важна емоција и психолошка состојба најдобро што умеам. Ќе ми биде драго ако „Љубов во топка“ биде препознаена како искрено книжевно четиво, како дело што низ спојот на приказната и илустрацијата го отвора широкиот спектар на емоции кај децата и ги уважува сите нијанси на нивните комплицирани чувства – од тагата до радоста.
Многу е сензибилно да се пишува за најкревката публика, па како ви одеше избирањето зборови?
– Поделикатно отколку кога пишувам за возрасни. Процесот од занаетски аспект е пократок, но бара есенција. Бара прочистена емоција, бара суштина и искрен дијалог со секое дете. Во детската литература слабиот автор не може да се крие зад пердуви и стилски украси. Филтерот на детето е најрафинираниот.
Како го опишувате актуелниот свет во кој децата суштествуваат и во каков свет посакувате да израснат децата?
– Живееме во грубо време, во свет што е преокупиран со профит, работа и заработувачка, напредок, технологија. Сето тоа го стеснува просторот за блискост меѓу луѓето и децата и времето за игра. Многу дразби, многу информации, многу шум, а малку суштинска комуникација и смисла. Посакувам децата да имаат можност да учат од нас возрасните дека треба да пораснат во емпатични и одговорни граѓани. Да живеат во свет во кој добрината нема да се смета за демоде. Во општество во кое нема да се „лактаат“ и газат за да успеат. Посакувам да создаваат вистински другарства и да живеат во средина во која љубовта е на прво место.
Постои ли наслов во детската литература што искрено и длабоко ве има изненадено со својата содржина?
– Би можела да спомнам три прекрасни книги за деца што ги читав и рецензирав минатиов период. Тазе ми е меморијата за нив и силното чувство што ми го оставија. Книгата „Мојата бабичка не знае која сум“, која на децата им ја приближува темата за стареењето и смртноста, но и идејата за сеќавањето и живеењето со спомените и вечната љубов. Потоа неверојатно емотивната приказна „Овде, во близина живее едно девојче“, а деновиве ја прочитав и „Беззборовната Ела“ на Викторија Патрашку и Кристијана Радуна, во превод на Лидија Димковска, која обработува тема за дете со аутистичен спектар, приказна за лековитата и разорната моќ на зборовите, како и за леснотијата со која им ставаме етикети на луѓето околу нас.