Влатко е земјоделски инженер и магистер по претприемаштво, а фотографијата, со која се занимава нешто повеќе од 12 години, му е љубов што трае многу подолго. Со пејзажите е вистински амбасадор на убавините на Македонија. Но неговиот објектив ни носи и многу убавини од странство
Ранецот е секогаш подготвен и е многу потежок од кој било друг, зашто носите плус фотографска опрема. Теренот и местото за посета се истражени и анализирани преку мапирање и информации од пријатели или локални жители, за сите ризици да се сведат на минимум, иако најдобрите фотографии носат сериозен ризик и подвиг. Физичката кондиција мора да е на високо ниво, а познавањето метеорологија е еден од најважните фактори, бидејќи претежно се фотографира изгрејсонце, зајдисонце, астрофотографија… Вака изгледа само дел од подготовката на Влатко Рафески, во чии фотографии уживаме на интернет, кој ниже светски признанија за својата работа. Тој е земјоделски инженер и магистер по претприемаштво, а фотографијата, со која се занимава нешто повеќе од 12 години, му е љубов што трае многу подолго. Со пејзажите е вистински амбасадор за убавините на Македонија. Но неговиот објектив ни носи и многу убавини од странство. Читателите на „Нова Македонија“ го познаваат и преку фотографијата што беше избрана за фотографија на неделата.
– Прашање на време беше кога хобито ќе прерасне во сериозна посветеност – вели Влатко.
Тој неодамна победи на Светската организација за фотографија, како дел од Светската награда на „Сони“ за фотографија во отворена конкуренција на регионално национално ниво со најдобра пејзажна фотографија. Учествувал на неколку групни изложби, бил предавач на „Скопје фотонедела“ и член на жири, победник на филмскиот фестивал ЕХО во 2020-та, избран во голем број колекции, како „Никон 100 Балкан“, неколкупати добитник на пет ѕвезди за најдобри фотографии на социјалните медиуми, сертифициран во најтесниот избор на „35 авардс“ за пејзажната фотографија, повеќе од три години бренд-амбасадор на „Санвејфото“, кинеска компанија за фотографска опрема.
Нема природна убавина во Македонија што не сум ја видел
Рафески смета дека секој фотограф прво треба да ја претстави сопствената земја.
– Тоа е најдобар начин да ги привлечете луѓето од целиот свет да ве посетат. Нашата земја изобилува претежно со планински масиви, кои се потешко достапни, но тоа што е недостапно секогаш станува поатрактивно, а јас се трудам да ги претставам сите тие скриени убавини преку фотографиите, а тоа да е мотив за луѓето да ги посетат и да дознаат каква убавина поседуваме. Во Македонија речиси нема место што не сум го посетил, во природата конкретно, но сè уште истражувам и се надевам дека во иднина ќе откријам нешто ново – вели Влатко.
Доколку, пак, фотографира во странство, тоа е сериозен проект, со сериозни вложувања. Ги посетил земјите на Балканот, но вели дека не му се целосно истражени.
– Хрватска ми останува посебно да ја посетам. Словенија е одлична, но италијанските Доломити се безвременски, рај за секој пејзажен фотограф. Таму двапати бев на фотографска тура, а кога би имал можност, би одел секоја година. Посетата на други атрактивни дестинации, за жал, е доста тешка поради финансиски средства. Државата треба да застане зад ваквите проекти, како што прават другите земји, зашто пејзажните фотографи се амбасадори на убавините пред сѐ на својата земја и ја промовираат надвор, што е важен фактор во развојот на туризмот и репутацијата на земјата – вели Рафески.
Лесно е да стигнете до Охрид, Шапка, Маврово, но…
Тој е планинар и голем вљубеник во природата, што впрочем е најголема причина што фотографира пејзажи. Како дете, дедо му и татко му го носеле во село во мијачкиот крај, кој изобилува со ливади, реки и планински врвови.
– И таа љубов остана, а јас со текот на времето почнав да планинарам и како што се зголемуваше желбата за фотографија, така беше поголема и љубовта кон природата. Мора максимално да го издигнеме нивото на свест за поминување повеќе време во природа, за користење на неверојатните придобивки што ни ги дава, но во исто време и да се грижиме за неа. Многу фактори се во прашање, но мора да почнеме од некаде, и многу ми е мило што од година на година гледам сѐ повеќе вљубеници во природата, особено на планина – вели Влатко.
А кога се фотографира природата, нема правило за годишно време, период и место, туку едноставно треба да бидете подготвени буквално за сите временски услови и за сите ризици што ве очекуваат.
– Претежно се фотографираат изгрејсонце, зајдисонце и астрофотографија, па и мора да се следи драмата на временските услови за фотографијата да не биде досадна, а притоа аудиториумот да ја почувствува атмосферата во конкретниот момент кога е снимена. Како дел од планинарскиот клуб „Х2О“, имам можност на голем дел од планинарските тури да добијам дополнителна помош и логистика од другарите, но кога сте сам или мала група фотографи, едноставно сè останува на вас и личната организација – раскажува нашиот соговорник.
Лесно е да стигнете до Охрид, Попова Шапка, Маврово, да излезете од возило и да направите фотографија што најверојатно ја имаат сите, лесно е да стигнете и до Словенија и до италијанските Доломити со возило, но што понатаму?
– Во Македонија речиси нема инфраструктура во повисоките делови, значи имате потреба од теренско возило, но најчесто поголем теренец од нозете и пешачењето нема. Просек на една добра тура за да стигнете до посакуваната сцена во Македонија е десет километри во правец, со сериозна висинска разлика. Тука се одење и враќање во ноќни услови, бидејќи, нели, фотографираме светлосен амбиент на изгрејсонце и зајдисонце. Европските дестинации на пример имаат суперинфраструктура до секоја дестинација, патишта, жичници и сл. Но сепак ги бараме атрактивните локации и скриени убавини, а тие нормално се создадени подалеку од човекот, па така и таму мора да се вложи физички труд за да се стигне. Како пејзажен фотограф, ја барам сцената што е ретка, што ќе ме издвои од другите фотографи, а сето тоа си носи жртва. Ако сме екипа фотографи, тогаш должностите ги распределуваме и секој има задача што треба да истражи. Колективниот договор е многу важен и тука сме многу одговорни и прецизни – раскажува Влатко.
За тоа дали македонската публика знае да препознае и цени добра фотографија, тој смета дека публика секогаш има за сѐ, секој го пронаоѓа тоа што го интересира.
– Фотографијата е кадар во рамка што може да ви се допадне или не и за неа секогаш ќе има публика што ќе го задржи погледот на секунда или на подолго време, но експресијата од неа дава слика за авторот. Ние сме мала земја, каде што фокусот на уметноста е на ниско ниво, особено на фотографијата, а со тоа и информираноста кај луѓето е мала, но благодарение на социјалните медиуми тоа се менува – вели Влатко.
Неговите желби се големи, но не секогаш кореспондираат со условите. Дестинации што би сакал да ги посети се: норвешките фјордови, Фарски Острови, Исланд. Моментално ја подготвува првата самостојна изложба.