Во киното „Манаки“, на 23 октомври, Денот на македонската револуционерна броба, битолчани имаа можност да го проследат визуелниот – театарски спектакл „Нож“, работен според оригиналниот драмски еп „Нож“ од македонскиот писател Зоран Пејковски.
Тој е единствен натуралист во македонската литература и токму на ваков начин ја претставува крвавата битка на Ножот. Овој драмски еп е одигран од врвните македонски актерски имиња: професорот Роберт Велјановски, Петар Горко, Рубенс Муратовски и Васко Мавровски, кои на публиката им овозможија невидени емоции, затоа што станува збор за документаристичка драма, работена според вистински настан, кој се случи пред точно 115 години, односно на 14-ти јули 1907 година на планината Нож, кога, како саможртва за Слободна Македонија загинуваат педесетина млади комити од Костурско, од кои најстариот имал само 19 години и бил помошник војвода, Атанас Попов.
Траорна е сликата на битката на Ножот, која македонскиот писател Зоран Пејковски, меѓу другото и фуснотно ја објаснува, а за која проговори и рецензентката проф. д-р Виолета Ачкоска. Таа од историски аспект ја потврди и покрепи автентичноста на битката, и од кои причини загинуваат младите Костручани, на таа страшна битка на Ножот која по 1903 г. по Крушевското востание е најкрвавата во историјата. Но таа ја потврди и бравурозноста на драмскиот еп „Нож“ на Зоран Пејковски, кој ги одведе емоциите длабоко до непокорот и саможртвата на Македонците, водени од лозунгот „Смрт или слобода за Македонија“.
Токму за таа саможртва проговори и младиот историчар м-р Александар Јаневски, кој низ солзи како и публиката говореше за саможртвата на плејада македонски војводи и комити кои остануваат длабоко врежани во меморијата на Македонците.
Режисерот на овој визуелно-театарски спектакл Благојче Божиновски, во целата приказна за Ножот ги вкомпонира и Никола Зацески, оперски пеач, кој изведе неколку музички нумери од тој период, отсвирени на кавалот на Гоце Пиловски, а пак младите девојки од КУД „Илинден“, таа траорност ја надополнуваа со една духовна тишина, кои скршени од болка ја симболизираа крвавата младост.
На овој, би рекле, несекојдневен културен настан присутни беа и сите оние кои сакаа да ја почувствуваат емоцијата прикажана и преку еден мал, но стар видео запис, од последниот преживеан комита кој бил во четата на војводата Иван Наумов Алабакот, кој во кратки црти, во своите 90 години зборуваше за битката на Ножот.
Притоа, треба да се напомене дека покрај битолската интелектуална елита и сите оние кои се задоени со македонштината, присутни беа и општествени работници, лекари, научници, истражувачи и слично, односно битолчани кои зад себе имаат голем македонско-интелектуален габарит, со име и презиме. Се разбира меѓу сите нив присутен беше и Неговото Високо Преосвештенство, г. Петар кој на целиот настан му даде благослов.