Објавен романот „Додаток за фотоалбум“ од Владислав Отрошенко
„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Додаток за фотоалбум“ од современиот руски писател Владислав Отрошенко, во превод од руски јазик на Ленче Тосева, со предговор на авторот и со поговор на Венко Андоновски.
Романот претставува фасцинантна приказна за една куќа во која живее семејството на чичковците родени со бакенбарди, раскажана со суптилен хумор, двосмисленост и со виртуозно преплетување на фантазмагоријата, митот и реалноста, па затоа и е наречена „најфантазмагоричната семејна хроника напишана на руски јазик“.
– Отрошенко пародира не само наративни конвенции туку и цели откршоци од културни текстови, семиотички мрежи од цели култури! Едноставно, овој вулкан од писател не остава недопрена ниедна конвенција во својата експериментална лабораторија на романот! Тој е книжевен козак и книжевен бунтовник на 21 век! Отрошенко со овој роман, во стил на голем автор, ни ги открива можностите за меѓусебно читање на два различни медиуми: фотографијата и онаа вербализирана стварност што ја викаме – роман. Во прашање е една суптилна расправа за еден интермедијален однос (збор-слика), која се води невидливо секаде каде што авторот се занимава со коментирање на некоја од малобројните фотографии што му останале како единствен материјал за романот. Сè на сè, ова е сјаен роман. Роман-тест за можностите на романот денес. Роман што понесува, заведува, обвинува, поставува најсериозни и непријатни прашања, роман што сака да знае. И сето тоа испишано со незамисливо лесниот, а тежок за постигање стил на мајсторот на современа руска прозна реч, Владимир Отрошенко. Книжевниот козак на светот во 21 век – вели Венко Андоновски за книгата.
Владислав Олегович Отрошенко (1959 година, Новочеркаск, Руска Федерација) дипломирал на Факултетот за новинарство на Московскиот државен универзитет. Член е на меѓународниот ПЕН-центар и на Сојузот на руските писатели. Член е на жирито за книжевна награда „Јасна Полјана“. Делата на Отрошенко се преведени на 14 јазици. Романот „Додаток за фотоалбум“ е меѓу најпознатите и најпреведувани дела на Отрошенко и беше многу добро прифатен и оценет во Франција и во Италија. Овој роман е првото негово дело преведено на македонски јазик. Според овој роман, во 2021 година во Русија беше снимен игран филм.