Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија вечерва ќе настапат на интернационалната вечер на „Скопскиот поетски фестивал“, што ќе се одржи во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, во киното „Фросина“, со почеток во 19 часот.
Вечерта ќе се заокружи со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.
Официјалното отворање на фестивалот се случи синоќа, а скопската публика беше бројна и покрај невремето што го зафати градот. Поетското читање беше тематско ‒ „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“, па во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол од „Летечки пекинезери“ настапија Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и младата поетеса Марија Велинова.
Фестивалот ќе заврши утревечер во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 18 часот, кога на темата „Урбана поезија“ ќе се одржи работилница за креативно пишување поезија за млади на која ќе говорат дел од поетите што учествуваат на читањата, а потем, на истата локација, од 21 часот ќе се одржи настанот „Стиховно мапирање на Скопје“ ‒ видеопроекција на 12 поетски филмови изработени од Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Диме Данов и Валентина Бакти (Србија), врз основа на песни за Скопје од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади.
Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, од кафе-книжарница „Буква“ и винарница „Стоби“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а „Култура бета“ е медиумски партнер.