фото: Приватна архива

Изложбата на реномираниот македонски ликовен уметник Павле Кузмановски, која синоќа беше отворена во музеј-галеријата во Кавадарци несомнено за кавадаречката публика претставуваше ретка можност да го доживее неговото творештво во целосна изразна моќ, од интимноста на портретите, преку медитативноста на пејзажите, до симболиката на мртвата природа. Убавиот одбир на дела кои беа изложени во музеј-галеријата претставуваше воедно и убава можност да се види една мала по обем ретроспектива од неговото огромно ликовно творештво, кое претставува значаен сегмент од современата македонска уметност.

фото: Приватна архива

Отворањето на изложбата започна со инсерти од монодрамите за цар Самоил и Крсте Петков Мисирков во интерпретација на м-р Доне Донев, драмски писател, актер и режисер.
– Има сликари кои сликаат за да прикажат, Павле Кузмановски создава за да открие повеќе од 60 години. Тој не слика сѐ што гледа, туку сѐ што чуствува. Особено внимание заслужува неговиот најпознат циклус на дела „Сведоци“ кој претставува силен уметнички и духовен коментар за човечката состојба, колективната меморија и трајните вредности на општеството. Во овие дела, фигурата добива симболична димензија, носејќи во себе тежина на искуства, тишини и историски наталожени значења. „Сведоците“ не се само слики – тие се неми набљудувачи на времето, но и негови активни толкувачи. Затоа уметноста на Кузмановски е длабоко човечка, искрена и емотивна, таа говори на јазикот на тишината, но остава силен одек кон јавноста. Павле Кузмановски слика со почит кон природата, кон човекот, кон животот. Во неговиот свет, бојата е мисла, линијата е чуство, а секоја слика е еден внимателен обид да се фати нешто што е по својата природа минливо – подвлече во своето обраќање кураторот на изложбата Трајче Цветков.

фото: Приватна архива

Во делата на Павле Кузмановски светот живее таков каков што е и таков каков што тој ни го претставува одвнатре. Секоја негова слика нема врева, нема наметнување, постои само длабока, упорна искреност, боја што не лаже, форма што не се крие. Секој израз, поглед, структура на лицето или линија на еден пејзаж кај него се добива глас. Во секој портрет има тишина која зборува со илјада зборови, а лицата не се само модели, тие се метафори. Секој портрет е сцена на внатрешен монолог, а фигурите носат тежина, не како тежина туку како вистина која трае.

фото: Приватна архива

Тие не се портретирани, тие се разоткриени, додека преку мртвата природа авторот ни ја доловува меланхолијата на мигот, привидно обичен, но веќе исчезнат затоа што секој плод, секоја сенка е момент на вечност впишан во сликарската меморија,
Павле Кузмановски е роден во Тетово каде што поседува ателје и огромна колекција на уметнички дела. Заде себе има реализирано импозантна бројка на изложби (повеќе од 250), добитник е на најзначајните награди во Македонија од областа на културата и уметноста .