Отворени „Мајските оперски вечери“

Со церемонијата на палење на фестивалскиот оган од оперската певица Славица Галиќ-Петровска беа отворени 52. „Мајски оперски вечери“, по што следуваше премиерата на „Трубадур“ од Верди, во режија на Иван Поповски, светски познат македонски режисер, кој има голем број оперски поставки во Русија, а кој за првпат режира опера во сопствената држава. Диригент беше Енрико Довико од Италија, сценограф Миодраг Табачки од Србија, костимите се на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во операта „Трубадур“ настапија Зоран Сотиров, Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Сања Анастасиа (Србија), Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Јане Дунимаглоски, како и хорот и оркестарот на НОБ. Репризата е вечерва, со диригентот Иван Еминовиќ и солисти од Канада и од Чиле. Операта „Трубадур“ е опишана како симфонија на љубовта, одмаздата и судбината и тоа е 11-та опера што ја режира нашиот режисер со меѓународна кариера Иван Поповски, а прва што ја поставува во земјава. Според режисерот, операта е врв на сценската уметност, а музиката во ова Вердиево дело е генијална и космичка.

– Театарот пробува да објасни, да приближи, да материјализира и да спушти на земја, а музиката лета и е неопиплива. И тоа е судир, тежок спој во кој операта е во опасност да умре уште пред да се роди. Многу ретко се случува двајцата лидери – диригентот и на режисерот, да се спојат во хармонија. Во последната деценија главен е режисерот, кој не обраќа големо внимание на музиката и тоа е на штета на музиката, која во ова дело на Верди е генијална и космичка – изјави Поповски. Она што него го инспирира тематски е, рече тој, борбата меѓу највозвишеното и најпримитивното. Поповски изгради кариера во Москва, а првпат поставува опера на македонска сцена и желба му е на сцена да ја постави „Евгениј Онегин“.
Во улогата на Трубадур настапи тенорот Зоран Сотиров, кој токму на овој фестивал, гледајќи претстава во 1984 година, донел одлука операта да биде негова професија, а на „Мајските оперски вечери“ и дебитирал во 1999, во претставата „Боеми“. Српската мецосопранистка Сања Анастасија, првенка во Народно позориште во Белград, пак, е почестена што третпат настапува на фестивалот. Во „Трубадур“ таа ја толкува улогата Ацучена, за која вели дека е комплексна и одговорна за заплетот во целата приказната во која се судираат две емоции – љубовта и омразата.

На „Мајските оперски вечери“ годинава ќе се изведат и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски (15 мај) со диригентот Најер Нагуи од Египет и солисти од Бугарија и операта „Валкира“ на Вагнер (18 мај), со која ќе гостува Софиската опера и балет. Ќе биде изведена операта „Тоска“ (23 мај) со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, а ќе има изведба и на камерната опера „Свадба“, со која на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана. Традиционално, „Мајските оперски вечери“ ќе завршат на 31 мај со Вердиевата „Аида“.
На отворањето присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која на отворањето рече дека сè додека ги слушаме фанфарите со „Триумфалниот марш“ на Верди како го означуваат почетокот на нашата меѓународно признаена манифестација не треба да стравуваме. Таа додаде дека фестивалскиот оган ќе гори сè додека постои нашата љубов кон нејзиното височество – операта.
– „Мајските оперски вечери“ се повеќе од празник, тие се круна на децениските напори на генерации македонски уметници да создадат и да остават гласовна трага за долги времиња – рече министерката за култура, насочувајќи го вниманието и кон изложбата посветена на македонската примадона Милка Ефтимова. В.Д.