Во изминатите две години се одржа изложбата „Просторни реадаптации“ на скопската плажа, како место за културна практика, каде што група автори со своите мултидисциплинарни и инвентивни истражувања го трансформираа отворениот простор на некогашната скопска плажа, преполнувајќи го со разновидни концепти што нудат свежи перспективи и давајќи му нова смисла.
Оваа година, в сабота, во 20 часот, ќе се оствари ново поп-ап продолжение, „Просторни реадаптации 3“ со учество на повеќе автори што имаат цел да ги претстават и иновативно да ги реадаптираат сопствените дела во составот на скопската плажа, од која е оставена само металната конструкција како додаток за изложбено поигрување. Покрај тоа, очекувајте да ги погледнете и да ги доживеете овие трансформации на просторот од автори што третираат разновидни уметнички дисциплини.
Во третото издание учествуваат авторите: Ивана Ќ. Самандова, Ана Спасова, Доротеј Нешовски, Дарко Алексовски, Игор Таневски, Озбег Ајваз, Ана Трајковска, Филип Ивановски-Пепе и Дамјан Јанковски, автори што ќе ја приближат уметноста до секојдневието на граѓаните и ќе овозможат поблиско запознавање на македонските уметници и различните изведби на денешната современа уметност.