Десетти „Букстар“
Eтничките, политичките, oпштествените, но и личните борби во делата на неколку балкански автори беа централни теми на таканаречената „Балканска вечер(а)“, која се одржа во „Лабораториум“ во рамките на фестивалот на европска литература „Букстар“. Разговорот со авторите Кристијан Новак од Хрватска, Румена Бужаровска од Maкедонија, Фарук Шехиќ од Босна и Херцеговина и Игор Маројевиќ од Србија го водеше Владимир Јанковски. Авторите обработуваат теми како што е траумата произлезена од југословенските војни, која се движи и низ современата „војна“ меѓу машките и женските раскажувачки гласови, критички разгледувајќи ја родовата динамика во општеството, истакнувајќи ја тековната борба меѓу традиционалните очекувања и модерните општествени перспективи, како и битките со стереотипите.
Босанско-херцеговскиот писател и новинар Фарук Шехиќ вели дека војната влијае врз нас и како што човекот старее така и се менува.
– Апокалипса е она кога сѐ што било ненормално, одеднаш станува нормално. Како, на пример, кога човек ќе убие човек. Доаѓам од земја во која луѓето постојано се со иста мисла: Ќе има војна или ќе нема? Земја во која луѓето живеат во очекување – изјави Фарук.
Хрватскиот писател, пак, Кристијан Новак, смета дека не треба да се става никаков императив во книжевноста и дека секој треба да пишува за она што сака да пишува.
– Мене ме интересираат работите на поединецот. Се работи за перцепција, не ме интересираат исклучително добри или исклучително лоши ликови. Ги сакам ликовите што се менуваат, што доживуваат трансформација, кои од кукавица стануваат храбар човек. Ме интересира човекот што прави жртва и се претвора во нешто друго од тоа што дотогаш бил – рече Новак.
Српскиот писател и преведувач Игор Маројевиќ истакна дека читателската публика многу често сака нарации што имаат среќен крај, меѓутоа дека тој не може да пишува за тоа.
– Повеќе сакам да пишувам за негативната поетика. А луѓето сакаат бестселери, се идентификуваат со нив. Тоа ја го нарекувам терор на позитивизмот. Луѓето сакаат среќен крај, дај позитива. Тематски тоа не ме интересира – рече Маројевиќ, кој обработува теми за загрозени малцинства, односно индивидуалци што се соочени со агресивното општество.